На Шакира ѝ се закануваат 8 години затвор за даночно затајување, утре е на суд во Шпанија

На Шакира ѝ се закануваат 8 години затвор за даночно затајување, утре е на суд во Шпанија

пред 1 година

Шакира, колумбиската латино-пејачка, добитничката на Греми, утре е на суд во Барселона под обвинение дека ги измамила шпанските даночни власти за 14,5 милиони евра (12,7 милиони фунти). 46-годишната музичарка, која живее во Мајами со своите две деца, може да се соочи со осум години затвор и парична казна од 24 милиони евра доколку биде прогласена за виновна, пишува британски „Гардијан“.

Случајот се заснова на тврдењето дека од 2012 до 2014 година Шакира поминала повеќе од шест месеци како жител на Шпанија, со што имала обврска да плати данок, но таа негира. За да докаже дека е жител на Шпанија, обвинителството повика 117 сведоци, меѓу кои фризери, техничари во студио, професори по танц, терапевти, козметичари, гинеколози и нејзиниот возач.

Пејачката ги обвинува даночните власти дека воделе кампања за да го нарушат нејзиниот имиџ и да направат пример преку неа за другите шпански даночни обврзници, додека обвинителството тврди дека таа намерно планирала да ја измами државната каса криејќи ја својата заработка во даночните раеви.

„Ова се лажни обвинувања“, рече Шакира во интервју минатата година. „Прво, јас воопшто не поминував 183 дена годишно таму во тоа време. Бев зафатена со исполнување на моите професионални обврски ширум светот. Второ, платив сè што тие тврдеа дека сум должна, дури и пред да поднесат тужба. Значи, денес им должам нула“.

„Шпанските даночни власти видоа дека излегувам со шпански државјанин и почнаа да плукаат по мене. Јасно е дека сакаа да тргнат по тие пари без разлика на се. Тие знаеја дека не сум во Шпанија потребното време, дека Шпанија не е моето место на работа или мојот извор на приход, но сепак тргнаа по мене, со очи вперени во наградата“.

Поради гласините дека таа го отфрлила договорот за признавање вина што би ја држел надвор од затвор, судењето се очекува да трае до 14 декември. Без оглед на исходот од случајот, пејачката се соочува со одделни обвиненија за неплаќање 6,6 милиони евра данок во 2018 година.

Шакира се раздели од својот партнер Жерар Пике минатата година, откако тој наводно имал афера, а потоа стана хит песната во која пее: „Јас вредам две 22-годишни… Си замени Ферари за (Рено) Твинго. Си замени Ролекс за Касио. Песната беше прегледана 63 милиони пати за 24 часа, што е рекорд на „Јутјуб“.

„Луѓето од мојот тим се обидоа да ме убедат да ги сменам стиховите, но јас не сум дипломат на ОН“, рече Шакира во интервју за списанието ¿Hola! „Јас сум уметник и, пред сè, жена“.

Минатата недела Шакира освои три латино Греми награди, вклучувајќи најдобра песна, на церемонија во Севиља.

Текстот На Шакира ѝ се закануваат 8 години затвор за даночно затајување, утре е на суд во Шпанија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top