Николоски: Извозот е прв приоритет, подобриот транспорт е клучен за растот на домашните компании

Николоски: Извозот е прв приоритет, подобриот транспорт е клучен за растот на домашните компании

пред 2 часа

Поддршката на извозот, забрзаната изградба на транспортната инфраструктура и задржувањето на конкурентните трошоци се меѓу главните задачи за натамошен економски раст, порача вицепремиерот Александар Николоски на „Форумот за глобална трговија и раст 2026“, во организација на Швајцарската комора на Македонија.

Николоски истакна дека домашниот пазар има ограничен капацитет и дека посилниот настап на компаниите во странство е неопходен за економијата да расте побрзо.

„Извозот е број еден приоритет за домашната економија, нешто што многу го стимулираме, го поддржуваме како Влада“, рече тој.

Според вицепремиерот, охрабрува тоа што странските компании што веќе инвестирале во земјава продолжуваат да го прошируваат работењето, а интерес покажуваат и нови инвеститори. Посебно го издвои сè поголемото присуство на домашните компании на странските пазари, изразувајќи очекување за поголем раст во следниот период.

Билатерални решенија за транспортерите

Николоски посочи дека Владата бара билатерални решенија со земјите од Шенген-зоната за прашањата со кои се соочуваат македонските транспортери. Како позитивен пример ја наведе Швајцарија, која, според него, прва понудила поддршка.

Тој нагласи дека конкурентниот транспорт мора да се одржува, бидејќи е важен за пласманот на македонските производи на странските пазари.

Во тој контекст, истакна дека инвестициите во патната и железничката инфраструктура на коридорите 8 и 10 се реализираат со забрзана динамика.

Конкурентни трошоци и повисоки стандарди

Осврнувајќи се на транспортните трошоци, Николоски изјави дека цените на горивата во Македонија се најниски во Европа, а железничките услуги на „Македонски железници – Транспорт“ ги оцени како најевтини и најконкурентни во регионот.

Според него, предизвик во следниот период ќе биде задржувањето на таквите ценовни предности во услови на глобална неизвесност.

Вицепремиерот порача дека, покрај поддршката за инвестиции и извоз, потребна е и дополнителна работа на стандардизацијата. Исполнувањето на стандардите, нагласи тој, треба да им помогне на домашните и странските компании што работат во земјава да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари.

Share
Scroll to Top