Инвестициите во коридорите 8 и 10 се клучни за економскиот развој на Македонија, регионалното поврзување и стабилноста на државата во услови на сложени геополитички случувања, порача заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
На панел-дискусијата „Стратешка сигурност и стабилност – ЕУ и Македонија во новата геополитичка реалност“, организирана од Фондацијата „Конрад Аденауер“, Николоски ги претстави инфраструктурните приоритети на Владата и проектите во патниот, железничкиот и авиосообраќајот.
Тој нагласи дека географската положба на Македонија и економските врски со Европската Унија создаваат значителен потенцијал што треба да се искористи преку подобра транспортна поврзаност.
„76% од извозот на Македонија оди кон земји членки на Европската Унија, 46% од увозот доаѓа од земји членки на Европската Унија и природно е да сакаме да ја искористиме поврзаноста“, истакна Николоски.
Според него, токму затоа развојот на двата паневропски коридори претставува стратешка определба на Владата.
Модернизација на Коридорот 10 и подготовка за интелигентни транспортни системи
Николоски посочи дека со поддршка од ЕУ се работи на модернизација на автопатот на Коридорот 10. Во рамките на Планот за раст, како што наведе, подготвени се пет закони поврзани со интелигентните транспортни системи, на кои, покрај Министерството за транспорт, работат и министерствата за локална самоуправа и за внатрешни работи. По законските подготовки треба да следува имплементацијата.
Во железничкиот дел, тој ја истакна планираната реконструкција и надградба на Коридорот 10, со цел да се овозможат брзини од 160 до 200 километри на час за патничкиот и 120 километри на час за товарниот сообраќај.
Автопатско и железничко поврзување долж Коридорот 8
Говорејќи за Коридорот 8, министерот нагласи дека паралелно се работи на патната и железничката инфраструктура, при што автопатските проекти се во понапредна фаза.
Тој го издвои напредокот на автопатот Охрид – Кичево, кој неодамна го посети, како и градежните активности на потезите Букојчани – Кичево, Букојчани – Гостивар и Гостивар – Тетово.
На источниот дел од коридорот, Николоски се осврна на соработката со ЕУ за делницата Страцин – Крива Паланка и обиколницата на Крива Паланка. Како следен заеднички потфат го посочи потегот од Страцин кон Куманово, односно Романовце.
Проширување на граничните премини и очекуван раст на авиосообраќајот
Николоски информираше дека со Светска банка и Европската Унија се работи на модернизација и проширување на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, со цел да се овозможи поголем проток.
Тој ја нагласи и улогата на двата аеродрома, лоцирани долж коридорите, изразувајќи очекување дека во 2026 година вкупниот број патници ќе надмине четири милиони.
„Јас кога бев избран, очекував некаде докај 2031–2032 година да стигнеме до 4 милиони патници“, посочи Николоски, оценувајќи дека очекуваното достигнување на оваа бројка годинава е значајно за земјата.
Во обраќањето тој нагласи дека подобрата инфраструктурна поврзаност треба да придонесе за поефикасен транспорт, посилна економска соработка и поцврсто поврзување на Македонија со европските пазари.






