Николоски од терен: „Се гледа крајот“ – изградбата на автопатот Охрид – Кичево напредува со одлична динамика

Николоски од терен: „Се гледа крајот“ – изградбата на автопатот Охрид – Кичево напредува со одлична динамика

пред 8 часа

Изградбата на автопатот Охрид – Кичево напредува одлично, оцени вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при посетата на работниците ангажирани на трасата. Тој истакна дека се приближува реализацијата на современ патен правец со тунели, галерии и вијадукти.

„На терен со вредните работници кои го градат автопатот Охрид – Кичево. Одличен напредок! Што би рекол нашиот народ – ‘Се гледа крајот’“, порача Николоски во објавата.

Министерот нагласи дека на повидок е брз, сигурен и современ автопат, издвојувајќи ги тунелите, кои ги посочи како најдолги во Македонија, како и галериите и вијадуктите долж трасата.

Автопатот Кичево – Охрид е долг 57 километри и е дел од Коридорот 8. Неговото завршување има значење за поврзувањето на југозападниот дел од земјата и за пристапот до охридско-струшкиот регион, еден од главните туристички центри во Македонија.

Меѓу посложените зафати на проектот се стабилизацијата на косините и изградбата на заштитни конструкции. Според претходните информации од Министерството за транспорт, галериите се дел од решенијата за обезбедување на трасата на потегот меѓу Кичево и тунелите кај Пресека, додека кај Ботун се предвидени длабоки потпорни конструкции поради карактеристиките на теренот.

Посетата Николоски ја искористи и за да ја истакне работата на луѓето непосредно вклучени во изградбата, упатувајќи порака за продолжување на активностите до завршување на проектот.

„Ја градиме Македонија!“, наведе тој.

Share
Scroll to Top