Можностите за поголема економска соработка, нови инвестиции и подобра поврзаност меѓу Македонија и Швајцарија биле во фокусот на работната средба меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер.
На средбата биле разменети мислења за продлабочување на билатералните односи, зголемување на трговската размена и отворање можности за соработка меѓу компаниите од двете земји.
Посебно внимание било посветено на инфраструктурните проекти и на можностите швајцарски компании да се вклучат во нивната реализација.
Николоски упатил покана до компаниите од Швајцарија да ги разгледаат инвестициските можности во земјава, нагласувајќи дека Македонија е отворена за нови партнерства и инвестиции.
Соговорниците разговарале и за развојот на туризмот и унапредувањето на авионските врски меѓу двете земји. Подобрата авиоповрзаност, како што било посочено на средбата, може да придонесе за зголемување на туристичката размена, полесно поврзување на граѓаните и зајакнување на економската соработка.
Унапредувањето на односите со Швајцарија и привлекувањето нови инвестиции остануваат дел од владините приоритети за економски развој, подобра инфраструктурна поврзаност и отворање можности за граѓаните и бизнис-заедницата.






