Дијана, мајката на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, првпат отворено зборуваше за бракот на нејзиниот син и за односот што таа го има со снаата Јелена. Дијана во разговор за „Блиц“ вели дека не можела ни да замисли дека нејзиниот син еден ден ќе се ожени со девојка која ја запознал кога имал 18 години.
„Како млад човек кој професионално игра тенис, Новак немаше време да се забавува. Повеќе беше на пат отколку дома. Првата негова девојка што ја запознав беше одбојкарка од Краљево. Тие беа деца. Подоцна ја запознавме и Јелена, кога имаа 18 години. Не мислев дека ќе се венчаат. Но тој го поби моето мислење и се ожени со неа“, вели таа во интервјуто.
Новак и Јелена се запознаа 2005 година на тениски турнир во Белград. Се среќавале повремено и секогаш добро се забавувале, а три години подоцна почнале љубовна врска. Нивната љубов барала многу откажувања и жртви, но и меѓусебно разбирање. Новак патувал на турнири, па биле разделени и по неколку месеци, но љубовта преживеала.
Тие се венчаа на 10 јули 2014 година и ги имаат синот Стефан и ќерката Тара. А токму поради децата на Новак се најголемите несогласувања меѓу Јелена и Дијана. Мајката на Новак вели не поддржува некои одлуки на снаата, но се труди да не се меша во животот на нејзиниот син.
„Нормално и природно е Јелена да преземе некои работи. Не би било добро јас да се мешам. За жал, тие ретко доаѓаат, создадоа свое семејство и оаза, а Јелена некои работи ги прави на свој начин. Имаме спротивставени мислења, особено околу исхраната на децата, оти не го поддржувам нејзиниот начин“, признала Дијана во интервјуто.