Нова вакцина против корона е 90 проценти ефикасна

Нова вакцина против корона е 90 проценти ефикасна

пред 3 години

Американскиот производител на лекови „Фајзер“, во соработка со германскиот „БиоНТек“ создае нова вакцина против корона, а раната анализа од испитувањето покажала дека таа е 90% ефикасна во спречувањето на Ковид-19, пишува „Дојче Веле“.

„Фајзер“ и „БиоНТек“ објавија само мали детали од клиничките испитувања, кои се добиени по првиот формален преглед на податоците од страна на надворешни експерти. Компанијата соопшти дека анализата открила дека вакцината е ефикасна повеќе од 90 проценти во спречување на болеста кај доброволците, кои немале докази за претходна инфекција со коронавирусот. Ако резултатите се задржат, тоа ниво на заштита ќе ја постави оваа вакцина на исто ниво со високо ефективните детски вакцини за болести како што се сипаниците. Исто така не се забележани сериозни проблеми со безбедноста, соопшти компанијата.

„Фајзер“ планира да побара од Управата за храна и лекови итно одобрување на вакцината со две дози до крајот на месецов, откако ќе ги собере препорачаните податоци за безбедноста од препорачаните два месеци. До крајот на годината ќе има произведено доволно дози за да се имунизираат од 15 до 20 милиони луѓе, изјавија директорите на компанијата.

„Ова е историски момент. Ова беше разорна ситуација, пандемија и тргнавме по пат и цел што никој досега не ја постигнал – да излеземе со вакцина за една година“, рече Катрин Јансен,  потпретседател и раководител на истражување и развој на вакцини во „Фајзер“.

Независни научници предупредуваат да не се објавуваат рани резултати пред да се соберат долгорочните податоци за безбедност и ефикасност на вакцината. Сепак, развојот го прави „Фајзер“ првата компанија што објави позитивни резултати од испитувањето со вакцини во доцен стадиум, ставајќи го прв во трката за вакцина што започна во јануари и се одвиваше со рекордна брзина.

Досега единаесет вакцини се во испитувања во доцна фаза, од кои четири во САД.

Share
Scroll to Top