Македонскиот darkwave/alternative проект Луциден Сон го претставува својот најнов сингл – „Дожд“, четврто издание во низата авторски песни што се појавија изминативе години. Новата композиција носи брз ритам, синт атмосфера и препознатлива меланхолична линија, која веќе стана заштитен знак на проектот.
„Дожд“ ја продолжува визуелната и звучната естетика по која Луциден Сон се издвојува на домашната сцена: темни мотиви, урбана поетика и спротивставување меѓу мирната вокална линија и енергичниот електронски пулс. Песната е авторско дело на Костадин Стојаноски, со вокална изведба на Гоце Кантар, а продукцијата и аранжманот се во рацете на самиот проект.
Видеото, објавено на YouTube, комбинира оригинални кадри на Стојаноски со внимателно избрани архивски материјали. Атмосферата следи приказна за град, дожд и чекори што се повторуваат – едноставна, но емотивно силна слика која го носи духот на песната.
Со „Дожд“, Луциден Сон заокружува уште еден творечки циклус. По „Немирно време“, „Тајната“ и „Строј“, проектот продолжува да гради сопствен визуелен и звучен свет и најавува дека 2026 година ќе донесе уште повеќе нова музика, приказни и проширени светови.






