Обичаите за Водици и крштевањето на Исус

Обичаите за Водици и крштевањето на Исус

пред 3 години

Денес е Водопост, Водокрст или Крстовден, првиот ден по Божик во кој се пости, а утре се слават Водици и крштевањето на Исус во реката Јордан.

На Водопост, штом ќе зајде сонцето, спроти празникот, христијаните почнуваат да се поздравуваат со „Бог се јави“, а одговараат е „Навистина се јави“. Нашите стари верувале дека ноќта меѓу 18 и 19 јануари е време кога небото се отвора и Бог се јавува.

Според верувањето, Богојавление – јавувањето или објавата од Бог, се случува во текот на ноќта во пресрет на празникот кога за миг се отвора небото за да се вкрстат ветровите што дуваат во зима со оние што дуваат во лето. Во тој миг сите води на светот престануваат да течат, а оној што ќе се затекне на отворено и ќе го види тоа, може од Бог да побара исполнување на една желба.

  

Според христијанското верување, во 30 година од нашата ера Исус Христос бил повикан од Јован Крстител да го крсти во реката Јордан. Според Библијата, веднаш по крштевањето, се отворило небото и се слушнал гласот на Отецот Бог, кој објавил дека Исус е негов син, а на рамото на Исус слетал Светиот Дух во облик на гулаб. Со ова крштевање Исус ги означил почетокот на својата мисија и проповедите.

Богојавление е еден од петнаесетте најголеми христијански празници. Го карактеризираат и голем број други верувања и обичаи што се практикувале во минатото. Се верува дека немажените девојки, доколку стават огледало под перницата на 18 јануари, ќе го сонуваат мажот за кој ќе се омажат.

Во некои делови девојките месат по четири топчиња тесто. Во три од нив ставаат ливче хартија со име од своите симпатии, а едно оставаат празно. Потоа топчињата ги ставаат во вода што врие и првото топче што ќе излезе на површина го носи името на љубениот. Доколку првин на површина исплива празното топче – тоа значи дека девојката сè уште не го запознала оној што ѝ е суден.

Се верувало дека во време на Богојавление се претскажувало какво ќе биде времето цела година. Ако има голем мраз или врне снег, годината ќе биде родна. Ако биде ведро, ќе биде сушна. Доколку 19 јануари биде дождлив, цела година ќе има многу врнежи и поплави.

На овој ден се осветува водата за која се верува дека е лековита и чудотворна и се нарекува богојавленска вода. Неа верниците ја носат дома и ја чуваат како лек во текот на целата година.

Богојавление се одбележува со традиционално фрлање на богојавленскиот крст и пливање по него. Годинава првпат, поради пандемијата, нема да има осветување на водите и скокање по Светиот крст, а празникот ќе биде одбележан само со богослужби во црквите.

Share
Scroll to Top