Иако многумина без размислување ги перат бањарските простирки во машина за перење, сервисерите предупредуваат дека токму оваа навика може сериозно да ја оштети машината и да предизвика дефекти чија поправка чини и повеќе од 1.000 евра.
На проблемот предупреди искусниот сервисер за бела техника Скот Флинт, познат како „Scott the Fix-It Guy“, кој за порталот Family Handyman објаснил дека мокрите бањарски простирки се една од најчестите причини за сериозни дефекти кај модерните машини за перење, особено кај моделите со предно полнење.
Според него, проблемот настанува затоа што простирките впиваат огромна количина вода и стануваат премногу тешки за машината за време на центрифугата.
„Овие простирки се исклучително впивливи и кога ќе се натопат со вода стануваат претешки за машината“, предупредува Флинт.
Тој објаснува дека современите машини работат со многу посилни центрифуги кои достигнуваат и до 1.200 вртежи во минута, а комбинацијата од голема тежина и брзо вртење создава огромен притисок врз внатрешните механизми.
Еден од првите проблеми што може да се појави е оштетување на моторот за одвод. Од простирките често се одвојуваат долги влакна кои завршуваат во одводниот систем и предизвикуваат затнување.
„Долгите влакна од некои простирки завршуваат во одводот и можат да го оштетат моторот“, објаснува сервисерот.
Поправката или замената на овој дел може да чини околу 240 долари, но дефектите можат да бидат и многу посериозни. Тежината на мокрите простирки дополнително го оптоварува лежиштето на барабанот – клучен дел кој овозможува правилна ротација при перењето и центрифугата. Доколку тоа лежиште откаже, поправката може да достигне и до 500 долари.
Најлошото сценарио, според Флинт, е пукање на таканаречениот „spider bracket“, односно носачот на механизмот за вртење на барабанот. Замена на овој дел исто така чини околу 500 долари, а во комбинација со други оштетувања, вкупната цена лесно може да надмине 1.000 евра.
Сервисерот предупредува и на симптомите кои покажуваат дека машината веќе трпи последици од преоптоварување.
„Ако за време на центрифугата слушате силно тропање или метален звук, тоа е знак дека задното лежиште е истрошено“, вели Флинт.
За да се избегнат скапи поправки, експертите препорачуваат бањарските простирки да се перат рачно или да се носат во пералници со индустриски машини, кои се прилагодени за перење тешки предмети.
Дополнително, дерматолозите предупредуваат дека класичните памучни и полиестерски простирки задржуваат влага и претставуваат идеална средина за развој на бактерии и габи. Дерматологот Мона Гохара советува како подобра алтернатива да се користат дрвени бањарски простирки, кои побрзо се сушат и помалку задржуваат влага.
„Тоа е веројатно побезбедна опција бидејќи таквите простирки многу побрзо се сушат“, вели таа.
Според препораките на експертите, без разлика на материјалот, бањарските простирки треба да се чистат најмалку еднаш неделно за да се спречи создавање бактерии, габи и непријатни мириси.






