Светскиот шампион во кик-бокс, Димитар Ѓоргиев, кој пред неколку дена четврти пат ја освои светската титула, вели дека ова злато му е најомразено досега поради големата поделеност во Македонија. Димитар на социјалните мрежи објави дека не сака да биде дел од ниедно случување што ќе се организира во негова чест, оти не ја сака поделбата што во моментов се случува во земјата.
„Драги пријатели, другари и сите останати љубители на спортот. Од срце ви благодарам за целата поддршка и позитивна енергија што ја добив во изминатите неколку дена. За жал морам да ви соопштам дека за мене ова е најомразениот златен медал што сум го освоил до сега. Не планирам да присуствувам на ниеден прием ни во Агенција за млади и спорт, ниту на организираниот пречек во Општина Неготино. Овој медал го освоив бидејќи сакам спорт и си ја сакам татковината. Поделбата што е неизбежна во Македонија јас не ја сакам и не сакам да бидам дел од неа“, напиша Димитар на Фејсбук.
За потсетување, ова е четврта титула за Ѓоргиев. Тој беше светски шампион во 2011, 2013 и 2015 година.