Откако Ирската пејачка Шинејд О’Конор почина на 56 години, голем број од обожавателите, колегите и пријателите се збогуваа од неа.
„Скршени сме. А овој одвратен свет ја скрши и неа. Кревка гулабице, ти благодариме за сета убавина што ни ја подари. Ти посакуваме само мир. Ќе те сакаме засекогаш“, ѝ напишаа на „Инстаграм“ членовите на рок групата Garbage.
Од пејачката се прости и Били Корган со емотивна објава.
„Многу искрена, сладка и духовита. Беше талентирана на начин што не сум сигурен дека целосно го разбираше. Секогаш ќе ѝ се восхитувам и почитувам“, напиша Корган на „Твитер“.
Ирскиот борец за мешани боречки вештини Конор Мекгрегор исто така се прости од пејачката.
„Светот изгуби уметник со ангелски глас. Ирска го загуби еден од своите најдобри гласови, без сомнение. Изгубив и пријател. Нејзината музика ќе продолжи да инспирира. Почивај во мир, сигурен сум дека сега си дома со синот“, рече Конор.
Објава ѝ посвети и ирскиот претседател Мајкл Д. Хигинс.
„Изразувам длабоко сочувство до семејството на Шинејд О’Конор и до сите оние со кои го сподели животот. Кога ја слушнав веста, веднаш се сетив на нејзиниот необично убав, единствен глас. Оние од нас кои ја познававме секогаш беа изненадени од нејзината посветеност и бестрашност пред важните прашања, без разлика колку тие вистини беа непријатни. Нека најде мир“, напиша тој.
„Никој и ништо не може да се спореди со тебе. Патувај мирно и среќен пат“, се прости и американската група Шиндаун.
За потсетување, Шинејд О’Конор пред една година го загуби синот Шејн кој почина на 17 години.
„Мојот убав син, светлината на мојот живот, реши да ја прекине својата земна борба и сега е со Бога. Нека почива во мир и никој да не го следи неговиот пример. Мојата душа. Те сакам многу“, напиша О’Конор на „Твитер“, а само неколку дена по неговата смрт таа заврши во болница.