Поп-пејачката Андријана Јаневска, настапи во Спомен куќата на Тоше Проески на 25 јануари, на денот на неговото раѓање. Со многу емоции отпеа дел од неговите песни, а по настапот во разговор со „Репортер“ се присети на интересни моменти кои ѝ останале во сеќавање, а се врзани за Тоше Проески, со кого се знае од средношколските денови.
„Се запознавме 1997 година, кога тој дебитираше на ‘Макфест’ со песната ‘Пушти ме’, а јас бев придружен вокал на Пеце Огненов. Беше облечен во кожена јакна. По настапот вечерта излеговме низ штипските кафулиња, тогаш беа познати ‘Аре брадрс бенд’ кои имаа настапи. Пеевме до сабајле, сите заедно. Немаше завист и љубомора, туку си помагавме и се дружевме сите. Ми текнува дека тука беа Маја Панчева, Искра Трпева, Ѓоко Танески, Тања Царовска, Маја Вукичевиќ и многу други. Во тоа време немавме интернет и песните ги промовиравме на фестивали. Настапувавме сите, а победуваа најдобрите и немаше лутење. Следната година, 1998, на Скопскиот фестивал и јас дебитирав како солист, во дует со Пеце Огненов. Тоше ја пееше ‘Остани до крај’. По фестивалот имавме коктел во хотел Континентал. Се сеќавам дека во салата имаше пијано на кое Тоше свиреше, а сите околу него пеевме. Така беше секогаш, после секој фестивал“, раскажува Андријана Јаневска, присетувајќи се на некои убави времиња врзани не само за Тоше, туку воопшто и за македонската музичка сцена.
Таа вели дека со Тоше останале блиски и секојдневно комуницирале по телефон. Вели, дека понекогаш доаѓал во Скопје за да се видат.
„Отсекогаш се издвојуваше од другите со својата музикалност, па беше за очекување да направи светска кариера. Првиот албум го снимаше во неселбата Козле, кај Зеко, а јас му пеев придружни вокали. Се сеќавам дека по секое снимање ги преслушувавме песните во кола и дискутиравме што треба да се додаде, поправи, препее“, вели Јаневска и додава: „Очекувано, во 1999 година го имаше првиот голем солистички концерт, на скопското лизгалиште. Се договаравме да бидам гостин, заедно да отпееме нешто во дует, но бидејќи сè уште не живееше во Скопје, немавме можност да пробаме. Се договоривме единствено за песната и тоналитетот. Вечерта на концертот многу врнеше, но тоа не ги спречи илјадниците фанови да пеат на дождот. Во дует ја испеавме I Want to Spend My Lifetime Loving You и одлично се вклопи во целата атмосфера. Потоа следуваа уште многу настапи и фестивали, а тој заслужено чекореше кон врвот. И покрај тоа што стана најголема балканска ѕвезда, тој остана ист: добар, скромен и чесен“.
Со многу емоции се сеќава на една од најубавите нивни турнеи, онаа во Австралија, во 2000 година. Тогаш од пејачите беа Андријана, Тоше, Каролина, Ребека, Војо Стојановски, Александар Сариевски и Васка Илиева. Во Австралија биле еден месец и имале концерти во Сиднеј и Мелбурн.
„Бидејќи бев најмала, ме викаа ‘малото’: Кај ни е малото, да не го изгубиме. Кога немавме настапи имавме доволно време да шетаме. Таа година се одржуваше Олимпијадата во Сиднеј, па јас, Тоше, Каролина и Ребека се решивме да одиме на кошаркарски натпревар. Се сеќавам дека играа Србија и Австралија. За време на престојот таму на Ребека ѝ беше роденден, па си прославивме сите. Јас и Каролина бевме заедно во соба и имавме време за долги разговори пред спиење. Заеднички ја посетивме и зоолошката во Мелбурн, а имавме време и да си купиме по некое парче облека“, се сеќава Андријана Јаневска.
Таа вели дека со појавата на мобилните телефони и интернетот, полека почнала да се менува и самата атмосфера на естрадата. Оние другарувања полека ги снемувало, оти буквално и фигуративно дојде нова ера.
„И во следните години контактиравме со Тоше, иако со помал интензитет бидејќи имаше сè повеќе ангажмани, снимања и настапи. Неколку пати со друштво се собиравме кај мене дома“, додава таа.
На прашањето како се соочила со веста утрото кога погина Тоше кај Нова Градишка, вели: „За ужасната вест дознав утрината, кога се случи несреќата. Пробав да се уверам дека не е вистина, дека се случила несреќа, но тој е жив! Отидов на работа во Македонската опера и балет, но никој не можеше да свири. Во бистрото беше вклучен телевизорот, каде се обидувавме да дознаеме што повеќе информации. Следните денови, седмици и месеци ми беа како во магла. Кога некој што го сакаш ќе почине ненадејно, имаш чувство дека е жив, но е некаде далеку, само физички одвоен од тебе. Јас сè уште тоа го чувствувам, иако поминаа толку години. Тоше беше и остана еден и единствен, најдобар. Нам ни останува со радост да се сеќаваме на секој момент поминат заедно“, искрена е Јаневска.
Александра Георгиев