Ако некогаш мислевме дека Prada е резервирана само за модните писти и за култниот филм „Ѓаволот носи Prada“, иднината носи нов пресврт – наскоро и астронаутите ќе носат Prada, и тоа на пат кон Месечината.
Компанијата Axiom Space, во соработка со италијанскиот моден гигант Prada, го претстави новиот LCVG (Liquid Cooling Ventilation Garment) – специјален внатрешен слој со течно ладење и вентилација кој ќе се носи под вселенскиот костим AxEMU. Новата опрема е развиена за идните мисии на Месечината и ќе им овозможи на астронаутите безбедно да работат во екстремни услови за време на вселенските прошетки.
LCVG претставува високо технолошка облека дизајнирана да ги заштити астронаутите од суровите услови на Месечината, каде човештвото повторно ќе стапне по повеќе од пет децении.
„Иднината на истражувањето на вселената нема да ја гради никој сам. Нашето партнерство со Prada е доказ за тоа. Со комбинирање на воздухопловното инженерство со луксузната изработка и развојот на напредни производи, создадовме облека што ниту една компанија не би можела самостојно да ја развие“, изјави д-р Џонатан Сиртејн, извршен директор и претседател на Axiom Space.
Во развојот на системот, Prada ја искористила својата експертиза во инженерски плетени ткаенини, напредни материјали и современи дизајнерски решенија. Новата генерација облека е развиена со помош на 3D моделирање и овозможува ефикасно ладење, вентилација и поголема удобност за астронаутите за време на вселенски прошетки кои можат да траат и до осум часа.
„Со гордост претставуваме ново достигнување кое произлегува од единствената комбинација на експертизата на Axiom Space и знаењето на Prada во дизајнот, кроењето и напредните материјали. Со нетрпение очекуваме да продолжиме да ги поместуваме границите на можностите“, изјави Лоренцо Бертели, директор за маркетинг и одржливост во Prada Group.
Технологијата зад новата облека е импресивна. LCVG циркулира ладна вода низ мрежа од цевки поставени покрај главните мускулни групи на телото, апсорбирајќи ја топлината и пренесувајќи ја до системот за животна поддршка на костимот, од каде таа се исфрла во вселената.
За разлика од претходните системи за ладење, новиот модел располага со целосно резервно коло за ладење, што овозможува дополнителна сигурност во случај на дефект на примарниот систем.
Освен што го регулира температурниот баланс, костимот функционира и како систем за дишење. Посебна мрежа на цевки доставува свеж кислород директно до лицето на астронаутот, овозможувајќи континуирано отстранување на јаглеродниот диоксид.
„Секоја минута што астронаутите ја поминуваат надвор од леталото, LCVG работи за да ги заштити. Тој ја контролира нивната термичка средина, го поддржува дишењето и функционира во екстремни услови. Соработката со Prada ни овозможи да достигнеме ниво што сами не би можеле да го постигнеме“, изјави Расел Ралстон, виш потпретседател за развој на вселенски летала во Axiom Space.
Така, повеќе од две децении по успехот на филмот „Ѓаволот носи Prada“, познатата модна куќа добива нова улога – овојпат не на црвениот тепих, туку во освојувањето на Месечината.






