Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ своето 43. издание го започнува од 20 до 27 август во Битола. Ова издание ќе биде подолго од претходните две, односно ќе се одвива вкупно осум дена, соопшти на прес-конференција директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски.
Публиката ќе може да погледне 14 играни филмови во натпреварувачката програма,12 натпреварувачки филмови во кратката програма, годинава се враќа и документарната програма, има студентска програма која порано беше регионална, а сега е европска, има кратка програма,како и „Мак корнер програма“ на која ќе бидат прикажани сите заинтересирани продуценти кои имаат реализирано македонски филмови кои изминатите две години немале можно тоа да го направат.
Добитникот на наградата Златна камера 300 е кинематограферот и оскаровец Ентони Дод Ментл.
Во програмата за долгометражни филмови че бидат прикажани 14 филмови или по два три филма во една вечер или во еден ден во големата сала на Дмот на културата. Ќе има филмови кои доаѓаат од Канскиот фестивал, од Берлинскиот фестивал, од Венецискиот фестивал, од фестивалот во Карлови Вари, има два македонски филма, тоа се „Мими“ во режија на Даријан Пејовски и „Снежана на крајот умира“ на режисерот Кристијан Ристески.
Во програмата за кратки филмови ќе бидат претставени 12 кои доаѓаат од целиот свет, и истите се снимени од жени. Ќе бидат прикажани филмови кои веќе биле дел на светски фестивали и се наградувани, од автори кои се етаблирани, како и од кинематографери чие време допрва доаѓа.