Пациенти со тумор на мозокот откриваат кои симптоми ги игнорирале на почетокот

Пациенти со тумор на мозокот откриваат кои симптоми ги игнорирале на почетокот

пред 2 години

Пациенти заболени од тумор на мозкот во новата студија откриле некои помалку познати симптоми на својата болест, кои на почетокот не ги сфаќале како опасни.

Истражувањето го спровела докторката Сузана Скот од „Кингс колеџ“ во Лондон, а во него учествувале 39 пациенти кои опишале какви симптоми имале и како реагирале на нив, пренесува „Дејли мејл“.

Многумина признале дека не обрнувале внимание на симптомите како послаба концентрација, главоболка, недостаток на интерес за вообичаените активности поврзани со работа, семејни односи или хобија, а забележале и некои физички симптоми.

 

Физички тешкотии

„Додека пиев чај забележав дека рацете ми се тресат, но никогаш не помислив дека тоа би можело да има некакво значење“, раскажала жена на возраст помеѓу 61 и 70 години.

„Миев садови и сфатив дека многу полека се навалувам на едната страна. Не ми падна напамет поради тоа треба да посетам лекар“, раскажал маж од истите години.

 

Замор

Некои признале дека не сакале да одат на лекар, бидејќи сметале дека симптомите им се смешни и дека некои од нив едноставно се препишуваат на нивната возраст.

„Почнав да чувствувам потреба за спиење попладне, но заклучив дека тоа е така бидејќи влегов во петтата деценија“, рекла жена на возраст помеѓу 51 и 60 години.

 

Промена во говорот и однесувањето

Други пак, своите симптоми ги сметале за лесни потешкотии, особено ако им се појавувале накратко.

„Сфатив дека малку неразбирливо зборувам, но тоа траеше помалку од една минута, а потоа исчезнуваше“, раскажала жена во период од 41 и 50 години.

Некои исто така навеле дека заморот едноставно го препишувале на напорната работа и дека не сакале „да го трошат времето по лекари“ или се плашеле дека ќе ги сметаат за ипохондрици.

„Нема да појдеш на лекар за да му кажеш дека си нервозен и постојано ја чешаш раката“, раскажала жена помеѓу 41 и 50 години.

„Не ми падна напамет да појдам на доктор и да му се пожалам дека во последно време сум многу несмасна“, рекла нејзина врсничка.

 

Најчести симптоми

Туморите на мозокот се разликуваат зависно од тоа колку брзо растат и на кој дел од мозокот се наоѓаат, а зависно од тоа можат да варираат и симптомите – стои на официјалната страница NHS (британската Национална здравствена служба).

Тие ги наведуваат следниве симптоми: сериозни и долготрајни главоболки, мачнини, напади, промена во однесувањето и личноста, чувство на слабост или парализа и пречки во говорот или видот.

Нагласуваат дека симптомите на почетокот можат да бидат многу лесни и дека туморот на мозокот може да се развие кај луѓе од секоја возраст, вклучувајќи ги и децата.

Share
Scroll to Top