Писмото на Алберт Ајнштајн, во кое се наоѓа неговата позната формула E=mc2, е продадено на аукција за повеќе од 1,2 милиони долари. Тоа е трипати повеќе од очекуваниот износ, соопштиле од аукциската куќа PR Auction од Бостон.
Од Институтот за технологија во Калифорнија и Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, велат дека во светот постојат уште само три такви познати примероци, во кои Ајнштајн познатата формула ја напишал рачно.
Од PR Auction велат дека овој последен примерок е единствениот кој се наоѓа во приватната колекција и дека за него неодамна се дознало, пренесува „Гардијан“.
Аукциската куќа очекувала писмото да биде продадено за околу 400.000 долари. Тоа е важно писмо од холографска гледна точка и од гледна точка на физиката, вели Боби Ливингстон, потпретседателот на аукциската куќа.
Писмото кое на едната страна е напишано на германски јазик, било упатено до полско-американскиот физичар Лудвик Силберстин, а датирано е на 26. октомври 1946 година.
Силберстин бил познат критичар на некои од теориите на Ајнштајн. Писмото било дел од личната архива на Силберстин, која ја продале неговите наследници. Купецот е означен само како анонимен колекционер на документи.