Победата во „Гранд“ ме донесе во бендот Ѓорѓе Давид и настапуваме низ Балканот: Интервју со Славица Ангелова

Победата во „Гранд“ ме донесе во бендот Ѓорѓе Давид и настапуваме низ Балканот: Интервју со Славица Ангелова

пред 9 месеци

По победата на регионалното музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“, Славица Ангелова сега е дел од рок составот на нејзиниот ментор, Ѓорѓе Давид. Откако се созема од емоциите за победата и пречекот од нејзините сограѓани во Струмица на градскиот плоштад каде одржа концерт, сега кончено размислува што ќе прави понатака и колку победата на Гранд и го отвори патот кон музиката.

Славица студира медицина, а сепак љубовта кон музиката и донесе победа во најпопуларното шоу но и во бендот на нејзиниот ментор Ѓорѓе Давид.

„Музиката е тоа што ме релаксира и ми дава позитивна енергија, после победата веќе имам многу планирани активности. Дел сум од бендот на Ѓорге Давид кој се вика „Дед соу“ и сум пресреќна за тоа. Имаме веќе неколку реализирани концерти, но планирани сè уште многу оваа лето и есен и тоа на Балканот и пошироко“, изјави Славица за Репортер и додаде дека во бендот пее заедно со Ивана Петерс и Александар Јосифовски.

Славица најави дека во моментов работи на нова песна која треба да излезе во септември.

За Ѓорѓе Давид, Славица вели дека е прекрасен човек, нормална личност и достапен во секој момент. Иако на почетокот размислувала дали за свој ментор да ја одбере Марија Шерифовиќ, сепак се одлучила за Ѓорѓе поради рок музиката која секојдневно ја слуша.

„Тој е најпосетениот ментор кој неуморно работеше со нас кандидатите, го даваше својот максимум да нè научи како да се однесуваме пред камера, со останатите колеги. Неговите совети секогаш се добронамерни и секогаш се насочени како најдобро да се претставиме на сцената и нашите перформанси да останат забележани и наградени“, вели победничката на „Гранд“.

За пречекот во Струмица на градскиот плоштад, вели дека е момент којшто засекогаш ќе го памети.

„Тоа е пречек што секој би го посакувал. Луѓе во голем број, многу деца со насмевки, љубов се на едно место. Слика која засекогаш ќе ја паметам. Во мене сето тоа разбуди голема желба и мотивација за да продолжам и понатаму неуморно да работам на мене како вокал и да се движам само во нагорна линија“, раскажа Славица.

Сега кога емоциите спласнаа и импресиите сè уште се присутни, од оваа перспектива Славица вели дека се исплателе упорноста и сите патувања на релација Струмица – Белград.

Иако коментарите на социјалните мрежи беа дека рамнодушно ја примила информацијата за победата, Славица вели дека така изгледала затоа што била збунета.

„Да, имаше такви коментари можеби изгледав рамнодушно, но никој освен мене во тој момент не знаеше како се чувствувам. Емоција на среќа, збунетост, одговорност за што понатаму. Палета од милион емоции во еден миг. Па ми требаше се разбира неколку денови да се стабилизирам и да разберам што навистина ми се случува. Првата помисла во тој момент ми беше помислата како тоа јас започнав и запливав во водите на музичкиот свет, едно хронолошко редење на сликите од тоа како јас напредував се повеќе и повеќе со текот на времето“, раскажа Славица за моментот на прогласувањето на победата во „Гранд“.

Најголемата поддршка ја добила од нејзиното семејство, но и од најблиските кои цело време биле покрај неа. За настапите Славица имала и тим кој работел на нејзиниот стајлинг тоа модната куќа Елена Лука и стилистот Александар Тошев од Струмица и Ана Нага.

Покрај големиот број понуди по победата на „Гранд“, Славица размислува и за нејзината професија како медицинска сестра. Има планови да се пријави како волонтер во приватна клиника во Софија, каде што студира.

Г. Додевска
Фото: Инстаграм Славица Ангелова

Share
Scroll to Top