Специјалниот едукатор и рехабилитатор Михаела Пехчевска (27) од Скопје е една од оние кои успеале да ја победат леукемијата. Иако имала само четири години кога се соочила со оваа болест, сепак тоа не се брише од сеќавањата. Таа во интервју за „Репортер“ искрено ни раскажа за нејзината борба со рак на крвта.
„Иако бев многу мала, сепак поради таа фотомеморија или детска меморија каде што сеќавањата се остри и детални, сè уште се сеќавам на целиот тој процес, односно на борбата со оваа крволочна болест. Се сеќавам на дел од персоналот, на медицинските сестри, дел од нив и сè уште работат таму, се сеќавам и на други деца со кои ја делев болничката соба“, ја започнува својата приказна Михаела.
Вели дека сè уште има трауми, иако поминале толку многу години. Сè уште се плаши од болници, од рутински контроли, боцкање за крвна анализа и слични прегледи. Најголема траума ѝ било тоа што кога се лекувала била сама во болничката соба, без родителите, а медицинските сестри ` биле сè. Но исто така многупати ја облева и стравот дека би можела болест да се повтори, а со тоа и целата голгота низ која поминала како дете.
Победата над болеста ја инспирирала да стане дефектолог, па средното образование го завршила во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“, а пред година дена запишала магистерски студии во областа на специфични тешкотии во учењето.
„Мојата желба да станам специјален едукатор и рехабилитатор дојде затоа што како мала поминав низ еден трнлив пат, поминав една голгота низ која не би сакала никој ама баш никој да помине. Сакам да помогнам онаму каде што е најтешко. Но покрај ова, љубовта која ја имам кон сите деца имаше е најголемата причина што денес се занимавам со оваа работа“, искрена е Михаела.
Таа додава дека како стручно лице, потребно е да ги забележи сите отстапки во развојот на детето, иако секое дете си достигнува развојни милјеа, сепак кај сите скалите за проценка се слични како на пример кога детето треба да седне, прозбори или проооди.
„Дозволуваме отстапки од неколку месеци, но сепак доколку некое дете не ги постигнува овие развојни нивоа на одредена возраст, треба да крене црвено знаменце. Во тој случај многу е важно родителите да прифатат дека нивното дете има некаков проблем и да се консултираат со одредено стручно лице кое се занимава токму со таа проблематика. Само на тој начин ќе се стекне брз и успешен напредок. Но исто така, родителите не треба да се срамат и да не ја кријат состојбата на нивното дете, кога веќе се запознаени со неа“, вели Михаела за „Репортер“.
Таа вели дека секое дете со себе носи и успешна приказна, па самото доаѓање кај стручното лице и барањето помош претставува огромна победа. Но иако секоја проблематика има своја тежина, сепак за да реши потребна е упорност и истрајност. За неа не постои нешто што не може да се оствари, бидејќи, како што таа вели, работи со љубов и дава сè од себе. А благодарноста од страна на родителите за неа претставува најголемиот подарок на светот.
Михаела контактира со родителите чии деца го победиле ракот, како и со две девојчиња кои исто така успеале да ја победат леукемијата.
„Порано одев многу често, ги посетував, им раскажував дека и јас сум била исто како нив, дека и мојата коса некои лоши човечиња ми ја изеле, ама затоа сега имам долга и убава коса. Поддршката е од клучно значење во тие моменти. Со едно девојче која имаше мојата дијагноза се зближив за неполн половина час, се расплака по мене уште при самото запознавање. Тоа беше љубов на прв поголед. Подоцна нејзината мајка ми раскажа дека таа цела ноќ ме барала и плачела по мене, па се чудеше како е можно да се зближиме за толку кратко време“, раскажа Михаела.
Михаела додава дека кога и да им кажела на мајките дека и нивното дете ќе биде добро како неа, бидејќи и самата таа го поминала, тие добивале сила и надеж.
„Господ да го молев немаше ваква надеж да ми прати, беше реченицата на една мајка која низ солзи ми раскажуваше за своето дете, како дознале и низ сè што поминале. Секогаш им велам на родителите дека колку и да е тешко, не смеат да се откажат, бидејки тие се столбот на нивите деца, столбот на којшто децата се потпираат“, вели Михаела.
До сите онлоколошки пациенти, Михаела испраќа порака дека без разлика со што ќе се соочат низ животот, не треба да заборават дека секогаш на крајот од тунелот има светла точка.
Марија Прличкова