Кабинетот на поранешниот германски канцелар Олаф Шолц издвои речиси 590.000 евра јавни пари за шминкери и стилисти кои работеле за владини претставници помеѓу 2022 и март 2025 година, пишува „Билд“.
Најголемите трошoци ѝ се припишуваат на поранешната министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, чија сметка за шминка во првите три месеци од 2025 година изнесувала 21.000 евра, или околу 248 евра дневно. Нејзиниот долгогодишен шминкер, Клод Фромен, наводно наплаќал 7.500 евра месечно и ја придружувал Бербок на службени патувања, што предизвика критики дека таквото трошење не е во согласност со реториката за економската криза во Германија.
Поранешниот канцелар Шолц е на второ место по оваа потрошувачка со износ од 13.000 евра, додека поранешниот вицеканцелар Роберт Хабек потрошил само 598 евра за три месеци на почетокот на 2025 година.
Според „Билд“, бројките не ги вклучуваат дополнителните трошоци како што се облека, фризерски услуги или фотографи.
Ваквите трошоци предизвикаа критики од опозициските партии; ЦДУ повика на ограничувања на трошоците, а Здружението на даночни обврзници го осуди „прекумерното“ трошење за време на периодот на економско штедење во Германија.
Владата на Шолц, која стапи на должност во декември 2021 година, падна во ноември 2024 година поради несогласувања во рамките на владејачката коалиција. По предвремените избори во февруари 2025 година, беше формирана нова влада под водство на Фридрих Мерц.
Извештајот доаѓа во време кога германската економија се соочува со продолжено забавување. БДП на земјата се намали за 0,2% во 2024 година, по намалувањето од 0,3% во 2023 година. Падот беше предизвикан од високите цени на енергијата, зголемените каматни стапки и недостатокот на квалификувана работна сила.