На 56-годишна возраст почина актерот Трајче Ѓоргиев. Ѓоргиев дипломира на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Љубиша Георгиевски, во 1991 г. дел е од МНТ повеќе од триесет години – започнувајќи од првата улога како Акаст во „Мизантроп“ (1989), преку вработувањето во 1998 г. до големиот број на оддиграни улоги.
Во 2005 година ја режира и игра во петте пантомими за една глумечка претстава „Човекот” од Марсел Марсо и со неа се стекнува со титулата магистер по пантомима, на Академијата за театар и филм „НАТФИЗ” во Софија, Бугарија. Дел е и од „Театар за пантомима“, летна школа на Кенјон колеџ, Гамбир, Охајо, 2008 г., а посетува и едногодишни специјалистички студии по пантомима во класата на проф. д-р Александар Илиев, на „НАТФИЗ“, 2005 – 2006 г.
Основач е и главен двигател на ПАНФИЗ, меѓународниот фестивал за пантомима и физички театар, фестивал кој 16 години опстојува, ја анимира публиката, го поддржува и оддржува овој жанр во театарската уметност и ги донесе кај нас некои од најдобрите светски пантомимичари.
Тој е и ќе остане нашиот Густав во „Надвор од умот“, Пандар во „Троил и Кресида“, Ивковиќ во „Народен пратеник“, Чинели во „Јануари“, Спасе во „МКС“, Етјен во „Кројач за дами“, Сапорта Робесвјер во „Мисија“, Благоја Ќелавиот во „Немушт јазик“, Виргински во „Демони“, Силјан во „Писание“, Доктор Финаш во „Болва в уво“ и други.
Ѓоргиев има настапувано и во повеќе претстави за деца, кои се играле насекаде низ Македонија, па и таму каде што сѐ уште не дошол театар, и за него тоа претставува една благородна мисија во воспитувањето и културното образование на децата. Но, не само на сцената, тој и зад сцената создаваше театарската естетика и приказна.
За својата долгогодишна и исполнета кариера добитник е на Гран при за најдобра претстава и најдобра режија на ДАФ, Кочани за претставата „Кралот Иби“ во 1991 г., Гран при на ДАФ, Кочани, за претставите „Настојник“ во 1996 г., „Домот на Бернарда Алба“ во 1998 г., „Јане Задрогаз“ во 1999 г. и „Најкратки драми на светот“ во 2003 г. Во 2006 година е добитник на две големи награди за претставата „Човекот“ – награда за најдобра сценска игра на фестивалот „Златен рис“ во Бања Лука и наградата на директорите на фестивалот на Меѓународниот фестивал во Габрово, Бугарија.
Денот и времето за погребот и комеморација ќе бидат дополнително објавени, информираат од МНТ.