Барби Кели, членка на популарниот ирски бенд „Кели фемили“, почина во 46. година по кратко боледување.
„Нашата сакана сестра Барби почина пред неколку дена. Тажни сме и бескрајно ќе ни недостига, секогаш ќе ја носиме во срцето. Им се заблагодаруваме на сите за сочувството и молитвите во овие моменти“, напишаа членовите на нејзиното семејство.
Пред 20 години Барби го напушти бендот и поради ментална болест, се повлече од јавноста. Нејзиниот брат Џими тогаш рече дека сестра му не е добро и дека ѝ треба помош. Според него, големата светска популарност што бендот ја имал и огромниот притисок ја уништиле неговата сестра.
Ирскиот бенд постои од 70-тите години кога имале улични концерти во Европа. Големо пробивање на музичката сцена стигна во 90-тите години. Дури во 1994 година го снимиле хит-албумот Over the Hump, кој браќата и сестрите – Анџела, Педи, Патриција, Мејт, Кејти, Барби, Џон, Џими и Џои ги претворил во големи светски ѕвезди.