По 107 години, на дното на Антарктикот е пронајден потонатиот брод на истражувачот Ернест Шеклтон

По 107 години, на дното на Антарктикот е пронајден потонатиот брод на истражувачот Ернест Шеклтон

пред 3 години

Научниците ги пронајдоа и ги снимија остатоците од бродот „Ендуранс“ на истражувачот Ернест Шеклтон, кој потонал пред 107 години за време на антарктичка експедиција. Бродот бил смачкан од морскиот лед пред да потоне во Веделовото Море во 1915 година принудувајќи ги Шеклтон и неговите луѓе да се спасуваат пеш и со мали чамци.

Видеото од потонатиот брод покажува дека тој и денес е во неверојатно добра состојба иако помина повеќе од еден век на длабочина од 3 километри. Тој изгледа речиси како на денот кога се случила несреќата. Дрвената конструкција сè уште е таму, а на крмата се гледа името Endurance.

„Без претерување, ова е најдобриот дрвен брод што некогаш сум го видел, убедливо најдобриот. Стои исправено, гордо на морското дно, недопрен и е во брилијантно зачувана состојба“, рече морскиот археолог Менсун Баунд, кој го исполни својот сон по речиси 50 години кариера.

Водачот на мисијата, поларниот географ д-р Џон Ширс, не го криеше својот ентузијазам за откритието.

„Откривањето на потонатиот брод е неверојатно достигнување. Успешно ја завршивме најтешката потрага по брод во светот, се боревме со мразот, бури и со ниските температури. Го постигнавме она што многумина мислеа дека е невозможно“, рече Ширс.

Според Меѓународниот договор за Антарктикот, остатоците од бродот претставуваат споменик што не смее да се чепка на ниеден начин. Токму затоа на површината не е донесен ниеден физички артефакт.

Share
Scroll to Top