Првата прес конференција на Народен театар Битола во 2026-та година, се одржа денес, а истата беше посветена на премиерата на „Пламенка“, што ќе се одржи на 19 февруари, по истоимениот роман на Петре Димовски, а во режија на Софија Ристевска Петрушева. На прес конференцијата присутните ги поздрави директорот на театарот, Васко Мавровски.
„Како што и ветивме, како тим кога дојдовме на позицијата да раководиме со Народен театар Битола, дека акцентот ќе биде на македонските автори на македонската драматургија и на македонските креативци и театарски работници, така и остваруваме. Минатата сезона ја започнавме со премиера праизведба на Жиголо по текст на Игор Кузмановски во режија на Благој Мицевски. Оваа 2026 на мое огромно задоволство ја започнуваме со повторно праизведба на романот на Петре Димовски „Пламенка“. Тоа зборува дека во континуитет сме доследни“, рече Мавровски.
Тој истакна дека Битолски театар конечно е во позитивно салдо. „Во однос на годишната програма, не можам да откривам детали бидејќи треба тоа сето да помине на управен одбор, но, можам да ве известам дека конечно Народен театар Битола излезе од темнината. За прв пат после долги години имаме позитивно салдо, благодарение на премиерот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицковски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, со директна финансиска помош од два милиони денари и со наши сопствени средства некаде повеќе од 2,5 милиони денари, успеавме долгот којшто верувајте многу долго време ни тежеше да го анулираме. Успеавме да го зголемиме бројот на публика од седумнаесет илјади на триесет и четири илјади. Тоа е негде 98%. Успеавме да го зголемиме бројот на изведби на претстави од осумдесет и седум да ја стигнеме бројката 187. А полните сали и интересот на битолчани за театарот е само уште еден мотив и оваа година да продолжиме да работиме посветено, како што работевме минатата година. И сакам да ја искористам приликата на сите 69 вработени во Народен театар Битола од срце искрено да се заблагодарам, бидејќи трудот којшто секој еден од нив поединечно го вложи, верувајте, беше огромен бидејќи правевме нешто за коешто треба малку повеќе време да помине за да може и да се реализира. Имаме рекорден број на премиери во историјата на битолскиот театар. Тоа се тринаесет премиери во неполни дванаесет месеци“.
Во претставата играат: Маја Андоновска Илијевски, Викторија Степановска, Катерина Аневска Дранговска, Вероника Ефтимова, Валентин Дамчевски.
„Пламенка е една претстава во која навистина многу се помачивме да го најдеме правилниот сценски израз. Со оглед на тоа што станува, како што споменавме, драматизација на еден роман, кој што е прилично голем, а ние успеавме да го сведеме на околу 45 страници, во час и десет минути треба да се преживее еден човечки живот, којшто верувајте бил, за една жена, меѓутоа и за луѓето кои што им се случува, за сите тие војни и така натаму, којшто бил прилично тежок. А, можеби сме навикнати во македонската драматургија да слушаме за македонската жена, за нејзината сила, нејзиниот непокор, за трагедиите кои што се случувале. Но, верувајте, Пламенка е само уште едно потсетување дека ние секој, дека секоја фамилија, секој човек има по неколку Пламенки во својот живот“, вели актерката Маја Андоновска Илијевски која со оваа претстава се присети на приказните од својата баба.
Текстот Прва премиера за 2026 во Битолскиот народен театар „Пламенка“ е превземен од МАКФАКС.





