Пејачката Рита Ора доби специјален орден од претседателот Бајрам Бегај на Албанија. Таа на социјалните мрежи се пофали со признанието што го доби.
„Постојат некои работи во животот кои никогаш не ги заборавате, ова патување ќе биде едно од нив. Денес беше нереален ден. Имав голема чест што претседателот на Албанија, господинот Бајрам Бегај, ми го додели орденот Наим Фрашери. Ова им се доделува на Албанците и на странските државјани за нивните вредни дела и активности во науката, уметноста и културата. Ви благодарам многу од сè срце“, напиша пејачката.
Во текот на своето патување во Албанија, Ора го посети уметничкото училиште во Тирана, ручаше со градоначалникот Ерион Велиај во градското собрание на Тирана и помина време со членовите на непрофитната хуманитарна организација House of Colors како амбасадорка на УНИЦЕФ.
Пејачката која сега живее на релација Лондон – Сиднеј, е родена во Приштина како Рита Сахатчиу, а вистинското презиме го сменила бидејќи било тешко да се изговара. Рита често вели дека е горда на своето потекло иако во Приштина живеела само првата година од животот. Во 1991 година, нејзините родители избегаа од Косово во Велика Британија.