Претставата „Торонто експрес“, работена според збирката есеи „Тибам Штркот“ на авторот Зоран Спасов-Ѕоф, ќе има премиера на 15 декември во МНТ. Режисер на претставата е Јордан Симонов, а главниот лик го глуми Александар Микиќ.
Од театарот најавија дека на 7 декември од 20 часот во книжарницата Литература во Ист Гејт Мол ќе се одржи и промоцијата на книгата „Торонто експрес“/„Тибам Штркот – апдејт“, а читателите со секоја купена книга ќе добијат ваучер/билет за претставата „Торонто експрес“, кој ќе можат да го искористат во месеците што следат.
„Претставата ‘Торонто експрес’ е работена според ‘Тибам Штркот’, еден од најчитаните текстови во 2008 година и како што вели авторот, делото е обид да се види Канада со македонски очи, но и да се доживее со космополитска душа, да се доловат измешаните чувства на љубов, среќа, тага, радост, носталгија“, соопштија од МНТ.
Ракописот е пишуван на скопски сленг, во лајт варијанта, дијалект што сè помалку се зборува, полека изумира и го снемува од скопските улици.
На адаптацијата на текстот работеа: Благоја Бошковски, Александар Микиќ и Јордан Симонов. Извршен продуцент е Виктор Рубен, сценограф е Мартин Манев, а костимограф е Роза Трајческа-Ристевска.
Следните изведби се закажани на 16 и 20 декември.