Прилепчанецот Денко Манчески според „Форбс“ е меѓу најинспиративните деловни луѓе на Блискиот исток

Прилепчанецот Денко Манчески според „Форбс“ е меѓу најинспиративните деловни луѓе на Блискиот исток

пред 3 години

27-годишниот Денко Манчески од Прилеп e на листата „Топ 10 инспиративни деловни луѓе на Блискиот исток кои треба да се следат во 2022 година“ на магазинот „Форбс“. Магазинот пишува дека Манчевски е основач на еден од најбрзорастечките блокчејн бизниси по име Reef Chain. Блокчејн е систем со кој се снимаат информации на начин што го отежнува или оневозможува менувањето, хакирањето или измамувањето на системот.

„Денко е роден и израснат во Прилеп, Македонија, живеел во Словенија повеќе од седум години, а моментално живее во Дубаи. Тој се фокусира на инвестирање и испорака на вредности во повеќе сектори во регионот на арапските држави.

Почнал со програмирање уште во средно училиште користејќи го програмскиот јазик C++ и неколку години организирал алгоритамски натпревари. Потоа започнал да гради комерцијален софтвер и се приклучил на провајдер на ERP каде што направил сложени модули што се користат и денес (складирање, сметководство итн.).

 

Следен чекор му бил здравствениот сектор, каде се приклучил на една од најголемите платформи за здравство во Европа. Таму работел повеќе од 2 и пол години, и предводел тим кој работел на комплексна алатка за моделирање за здравствени податоци.

Пред околу седум години, тој почнал да работи во блокчејн секторот. Неговото прво искуство било со NXT блокчејн. Работата ја продолжил со Solidity (Ethereum) и Bitshares, Steem и EOS. Во 2020 година, одлучил целосно да се фокусира на Reef Chain и да ја изгради најдобрата блокчејн инфраструктура насочена кон корисникот“, стои во описот на „Форбс“.

Програмерите и луѓето кои се занимаваат со криптовалути најдобро ќе разберат за што станува збор. Како и да е, Манчески е вистинска инспирација за младите луѓе, не само во Македонија туку и пошироко, и е еден од ретките 27-годишници за кои пишуваат светски познати списанија и медиуми.

Share
Scroll to Top