Ученици од СОУ „Ѓорче Петров“ во Прилеп му подарија рачно изработено македонско знаме на градоначалникот Дејан Проданоски, во пресрет на празникот 11 Октомври.
Знамето е едно од трите што ги изработиле учениците од текстилно-кожарската и шумарско-дрвопреработувачката струка. Проданоски најави дека подарокот ќе добие посебно место во неговиот кабинет.
„Горд сум на нашите млади кои преку ваквите дела ја покажуваат својата почит кон националните симболи и македонската историја“, истакна градоначалникот.
Заблагодарувајќи им се на учениците, тој го нагласи трудот вложен во изработката на знамето, како и креативноста и љубовта кон татковината што ги изразиле преку овој гест.
Проданоски посочи дека подарокот носи и значајна порака за почитта на младите кон националните симболи и историјата на својата земја.
„Нека е вечна Република Македонија!“, порача тој.






