Околу 500 садници беа засадени во близина на манастирот „Св. Димитриј“ кај прилепското село Селце, во акција што ја поврза грижата за здравјето на луѓето со заштитата на природата.
Пошумувањето беше организирано од Здружението „Сина револуција“, со поддршка од компанијата „Бехтел ЕНКА“, по повод Светскиот ден на дијабетесот.
Во акцијата се вклучи и градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, кој порача дека со заеднички ангажман може да се создаде поздрава животна средина.
Според него, ваквите активности придонесуваат за подигнување на свеста за општествената одговорност, правилното постапување со медицинскиот отпад и заштитата на шумите.
Проданоски им се заблагодари на организаторите, поддржувачите, граѓаните и волонтерите кои учествуваа во пошумувањето.
„Секое засадено дрво е порака за грижа, одговорност и подобра иднина за генерациите што доаѓаат“, истакна градоначалникот.






