Прилеп добива 8.318 нови канти за селекција на отпад, 126 нови контејнери и девет специјализирани возила за собирање отпад, како дел од проектот за унапредување на системот за управување со отпад во општината.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, заедно со заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, ја промовираа новата опрема која ќе придонесе за подобрување на јавната хигиена и зајакнување на капацитетите на локалното комунално претпријатие.

За прилепските домаќинства се обезбедени 8.318 канти со капацитет од 120 литри за примарна селекција на отпад, додека во градот ќе бидат поставени 126 нови контејнери од 1,1 кубен метар кои ќе ги заменат дотраените и оштетени садови за отпад.
Во рамки на проектот, Општина Прилеп добива и вкупно девет специјализирани возила за собирање отпад. Три од нив веќе се испорачани, а останатите ќе пристигнат во наредниот период. Според Проданоски, ова значително ќе ги подобри условите за работа на ЈКП „Комуналец“ и ќе ја зголеми ефикасноста во одржувањето на чистотата во градот.

Дополнително, во тек е постапка за набавка и поставување на 48 полуподземни контејнери, инвестиција вредна над 18,6 милиони денари, обезбедена преку Министерството за животна средина и просторно планирање.
Проданоски истакна дека Прилеп со години е меѓу водечките општини во селекцијата на отпад и заштитата на животната средина, додавајќи дека со овие инвестиции дополнително се унапредуваат еколошките стандарди и се создаваат подобри услови за живот на граѓаните.
Тој упати благодарност до Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата за поддршката во реализацијата на значајни еколошки и инфраструктурни проекти, нагласувајќи дека локалната самоуправа ќе продолжи да инвестира во модерен, чист и зелен Прилеп.






