Сите расположливи сили и ресурси се ставени во функција на ставање под контрола на пожарот во Мариово, информира градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.
Како што посочува Проданоски, на терен повторно се сите надлежни служби, пожарникари, екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, полицијата, инспекциските служби, мештаните и лица со механизација кои помагаат во справувањето со пожарот.
Во гаснењето се вклучени екипи од ТППЕ Прилеп и ТППЕ Кавадарци, Дирекцијата за заштита и спасување, Универзалната единица, доброволни противпожарни здруженија и локалните жители од Мариово. Дополнително е ангажирана и механизација со која се создаваат заштитни појаси со цел да се спречи понатамошното ширење на огнената стихија.
„Во моментов, на дел од теренот состојбата е стабилизирана, додека на повисоките и непристапни места екипите продолжуваат со гаснење“, информира Проданоски.
Посебно внимание, според него, е посветено на заштитата на селото Крушевица. Околу селото е воспоставен заштитен појас во должина од пет километри, додека екипите се подготвени за брза реакција доколку се појави потреба.
Градоначалникот упати благодарност до пожарникарите, доброволците, службите и институциите, како и до компаниите и субјектите кои ставиле на располагање луѓе и механизација.
„Борбата со пожарот продолжува. Најважно е да се зачуваат човечките животи, населените места и имотите. Остануваме на терен, заедно и целосно посветени“, порача Проданоски.






