Прилеп денеска е домаќин на Ориенталниот тутунски форум ITGA 2026, кој обединува производители, откупувачи, научници и претставници на тутунската индустрија во разговор за иднината на ориенталниот тутун. Според градоначалникот Дејан Проданоски, настанот по 14 години повторно се одржува во Македонија.
Форумот го организира Меѓународната асоцијација на производители на тутун, во соработка со UNITAB и Сојузот „Мака на тутуноберачите“ – Прилеп.
Меѓу учесниците се претставници на меѓународни и европски организации, научни и образовни институции, како и чинители од производството и откупот на тутун. Во фокусот се размената на знаења и искуства, предизвиците во секторот и можностите за негов натамошен развој.
Проданоски истакна дека за Прилеп е особена чест да биде домаќин на собирот, нагласувајќи ја важноста на тутунопроизводството за градот и за егзистенцијата на многу семејства.
„Тутунот е многу повеќе од земјоделска култура, тој е дел од нашата традиција, економија и животот на многу прилепски семејства“, порача градоначалникот.
Тој посочи дека зачувувањето на препознатливиот квалитет на тутунот мора да оди заедно со соодветно вреднување на трудот на производителите и создавање услови за одржлива иднина на дејноста.
Проданоски им се заблагодари на организаторите за довербата Прилеп да биде домаќин, а на делегатите и учесниците им посака успешни дискусии и плодна соработка.






