Синоќа во Прилеп започна 52. издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, еден од најзначајните настани посветени на зачувување на македонската изворна музика и културно наследство.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека фестивалот повеќе од пет децении претставува симбол на македонскиот културен идентитет, каде што се негуваат народната песна, ората, носиите и автентичниот звук на традиционалните инструменти.
Тој нагласи дека особено радува фактот што сè повеќе млади учествуваат и ја продолжуваат оваа традиција, со што се обезбедува нејзината иднина и континуитет.

Проданоски посочи дека Општина Прилеп и понатаму ќе го поддржува фестивалот, препознавајќи ја неговата значајна улога во афирмацијата и зачувувањето на македонската култура.
Тој упати благодарност до организаторите, учесниците и љубителите на изворната музика, кои, како што рече, му даваат душа на фестивалот и ја одржуваат традицијата жива.
Фестивалот „Пеце Атанасовски“ и оваа година продолжува како едно од најважните културни случувања во Прилеп и пошироко во Македонија.






