Проданоски: Прилеп го чува херојското минато, Армијата е столб на нашата безбедност

Проданоски: Прилеп го чува херојското минато, Армијата е столб на нашата безбедност

пред 5 часа

Современата воена опрема, техничките средства и оперативните капацитети на македонската Армија беа претставени пред прилепчани во рамки на програмата „Приказна за градот херој“, по повод 85-годишнината од народното востание на 11 октомври 1941 година.

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека настанот симболично ги поврзува храброста и пожртвуваноста на генерациите што се бореле за слобода со професионалноста и подготвеноста на денешните армиски припадници.

„Особено ми е драго што прилепчани имаа можност одблизу да се запознаат со современата воена опрема и капацитетите на Армијата, која е еден од столбовите на безбедноста, стабилноста и заштитата на нашата држава и граѓаните“, нагласи Проданоски.

Тој ја посочи и поврзаноста на градот со артилерискиот баталјон „Мирче Ацев“, чие присуство во Прилеп, според него, дополнително ја зацврстува врската меѓу локалната заедница и Армијата.

Презентацијата им овозможи на граѓаните непосредно да се запознаат со дел од средствата и капацитетите со кои располага Армијата, внесувајќи современа безбедносна димензија во одбележувањето на историскиот јубилеј.

Проданоски упати благодарност до началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, до командантите и до сите армиски припадници за соработката и учеството во програмата.

Во пораката по повод празникот, градоначалникот нагласи дека почитта кон минатото носи одговорност и за иднината на државата.

„11 Октомври е симбол на слободата, храброста и непокорот. Наша обврска е да го чуваме споменот на минатото, да ги почитуваме вредностите врз кои е создадена нашата држава и заедно да градиме сигурна иднина за сите граѓани“, порача Проданоски.

Share
Scroll to Top