Проданоски: Размената на искуства со европски градови е двигател на локалниот развој

Проданоски: Размената на искуства со европски градови е двигател на локалниот развој

пред 8 часа

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, во изминативе денови остварил работни посети во Швајцарија и Холандија, кои, како што истакнува, биле значајни за размена на искуства, стекнување нови знаења и воспоставување контакти за идни развојни проекти на општината.

Во рамки на посетата на Општина Ешалан во Швајцарија, Проданоски остварил средба со градоначалникот Серж Борник, претставници на локални институции, политички чинители и македонски здруженија. На средбите се разговарало за локалниот развој, заштитата на животната средина и можностите за соработка меѓу двете заедници.

За време на престојот, македонската делегација посетила повеќе капацитети, меѓу кои пречистителна станица за отпадни води, центар за одржување зелени површини и објект за рециклирање отпад, кои се оценети како успешни примери на современо управување со ресурси.

Проданоски присуствувал и на манифестацијата „Македонски денови“, каде што била промовирана македонската култура, традиција и вредности, а остварил и средби со македонската дијаспора во Швајцарија.

Во рамки на студиската посета на Холандија, организирана од „Про Локал“ во проектот ПЕЛО, поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија, градоначалникот заедно со делегацијата од Пелагонискиот регион и претставници од бизнис секторот се запознале со европски практики во областа на одржливиот развој, иновациите и циркуларната економија.

Посетени биле повеќе институции и центри во Амстердам, Хаг и Делфт, меѓу кои Асоцијацијата на холандски општини, Академијата за локално управување, иновацискиот центар Titaan Hub и Техничкиот универзитет во Делфт. На средбите со градоначалникот на Хаг, Јан ван Занен, се разговарало за климатските предизвици, управувањето со отпад и подобрување на условите за младите.

Проданоски истакнува дека најважната порака од овие посети е дека развојот се гради преку партнерства, визија и соработка, нагласувајќи дека стекнатите искуства ќе бидат искористени за идни проекти во интерес на граѓаните на Прилеп.

Share
Scroll to Top