Проданоски: Со координирана акција и подготвени служби Прилеп влегува во сезоната на пожари

Проданоски: Со координирана акција и подготвени служби Прилеп влегува во сезоната на пожари

пред 7 часа

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, соопшти дека Општината е целосно подготвена за превенција и справување со пожари на отворено во пресрет на летната сезона, по денешниот координативен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување.

На состанокот, на кој присуствуваа претставници на локалната самоуправа, Дирекцијата за заштита и спасување, Територијалната противпожарна единица – Прилеп, Центарот за управување со кризи, јавните комунални претпријатија, ЈП „Македонски шуми“ – подружница Прилеп и Армијата, биле разгледани досегашните активности и утврдени конкретни мерки за наредниот период.

Проданоски информираше дека, согласно препораките на Владата, Општината веќе спровела инспекциски надзор над сите субјекти што поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола и се во нејзина надлежност, со цел доследно почитување на еколошките стандарди и спречување на загадувањето.

Тој нагласи дека Територијалната противпожарна единица е целосно екипирана и подготвена за брза интервенција, додека јавните комунални претпријатија активно работат на расчистување на критичните точки, одржување на јавната чистота и спречување на создавање нови диви депонии.

Воедно, Проданоски упати апел до граѓаните да се однесуваат совесно и одговорно, истакнувајќи дека само со заедничка грижа може да се спречат пожари и да се зачува животната средина.

„Една непромислена постапка може да предизвика сериозни последици, големи материјални штети и загрозување на природата, имотот и човечките животи. Заштитата на нашата околина е заедничка обврска на сите нас“, порача градоначалникот.

Share
Scroll to Top