Промоција на романот „Годините“ од француската нобеловка Ани Ерно

Промоција на романот „Годините“ од француската нобеловка Ани Ерно

пред 10 часа

В сабота (1. ноември) ќе се одржи промоцијата на романот „Годините“ (2025, Илика) од француската нобеловка Ани Ерно во бифето на Младинскиот културен центар со почеток од 19:00 часот. Книгата ќе ја промовираат и за неа ќе разговараат Андријана Папиќ Манчева, преведувачката на романот, Ведран Диздаревиќ, уредникот на изданието, и Катерина Шекутковска, главната и одговорна уредничка на издавачката куќа „Илика“.

Покривајќи го периодот од крајот на Втората светска војна, па сѐ до почетоците на XXI век, романот „Годините“ претставува уште едно нурнување на Ани Ерно во сликите на сопствените сеќавања и обид да се прикаже врската помеѓу два речиси еднакво недофатливи ентитети: субјективното „јас“ кое живее и пишува и објективното „таа“ врз коешто историјата го втиснува својот груб печат.

Ја опишуваат како бестрашно искрена книга, со која животот на Ерно се трансформира во историја, а сопствените спомени во колективна меморија на една генерација. Притоа, може да се гледа како еден вид „Во потрага по загубеното време“ на Пруст преосмислена за нашето време на доминација на медиумите и на консумеризам, за нашиот период на фетишизам на апсолутното удопство.

Со „Годините“, Ерно востановува еден нов вид на автобиографско пишување – жанр што американскиот писател Едмунд Вајт парадоксално го нарекува „колективна автобиографија“. Истовремено субјектива и имперсонална, авторката си задава една нескромна задача – безмалку да ги прикажеживотот и времињата на една цела генерација.

Ани Ерно (Лилбон, 1940) е француска писателка и добитничка на Нобеловата награда за литература во 2022 година, за (како што изјави комисијата) „храброста и клиничката острина со која ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“. Нејзината авторска кариера трае повеќе од педесет години и има објавено повеќе од дваесет романи на најразлични теми. Покрај тоа што има добиено ред награди, има извршено и длабоко влијание на следните генерации француски писатели, особено врз Дидје Ерибон и Едуар Луј.

Текстот Промоција на романот „Годините“ од француската нобеловка Ани Ерно е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top