Јапонскиот професор Хомеи Мијашита од Универзитетот Меији во Токио разви прототип на екран којшто можете да го лижете и на тој начин да ги почувствувате вкусовите на храната што се прикажува на екранот.
Уредот кој тој го нарече „Вкусете го телевизерот“ користи вртелешка со 10 садови со вкусови кои се комбинираат за да создадат вкус на одредена храна, кој подоцна се растекува на хигиенска фолија преку рамен екран за да може гледачот да го вкуси тоа што се готви на телевизија.
Мијашита работел со тим од 30 студенти за да го создадат овој уред со најразлични вкусови. Тој вели дека прототипот бил направен претходнава година и комерцијалната верзија од уредот би чинела околу 100.000 јени, односно нешто помалку од 800 евра. Уредот може да се применува и за учење на далечина за дегустаторите на вина или готвачите, како и за игри и квизови во кои би се пробувале вкусови.
Професорот смета дека во време на пандемијата, овој вид технологија може значително да го подобри начинот на кој луѓето се поврзуваат и комуницираат со надворешниот свет.
„Во ера на Ковид-19 оваа технологија би можела да го подобри начинот на кој луѓето се поврзуваат и комуницираат со надворешниот свет. Целта е да се овозможи луѓето да имаат искуство како да јадат нешто во ресторан на другиот крај на светот, иако се наоѓаат во својот дом“, вели тој.
Мијасита моментално е во преговори со компании за неговата технологија да се користи во уреди кои би можеле да внесат вкус на пица или чоколадо на парче препечено лепче.