Родено меѓу облаци: Бебе пристигна на свет во авион на летот Дакар - Рим!

Родено меѓу облаци: Бебе пристигна на свет во авион на летот Дакар – Рим!

пред 55 минути

Она што започнало како рутински лет од Дакар кон Рим, се претворило во вистинска драма со среќен крај – бебе се роди среде лет, на височина од околу 10.000 метри.
Авионот Airbus A321neo на ITA Airways полетал со 155 патници, но слетал со еден повеќе. На летот AZ855, во раните утрински часови, на свет дошло машко бебе кое го добило името Мохамед Алесандро.

Командантот на летот, Алесандро Вануки, изјавил дека екипажот немал информација дека во авионот има бремена жена во седми месец. Ситуацијата станала драматична кога на патничката ѝ пукнал водењакот, а породувањето започнало додека авионот бил над Западна Сахара.

Во критичните моменти, две патнички – докторка и медицинска сестра – веднаш реагирале и помогнале при породувањето, додека пилотите разгледувале опции за итно слетување.
Поради недостиг на блиски аеродроми, донесена била одлука авионот да се врати во Дакар, но бебето не чекало – се родило пред авионот да слета. Во чест на пилотот, мајката му го дала второто име Алесандро.

По безбедното слетување, патниците избувнале во аплауз, а екипажот го опишал настанот како „момент што се доживува еднаш во животот“.
Неколку часа подоцна, летот продолжил кон Рим, а новороденчето стана првото бебе родено на лет на ITA Airways – приказна која од обично патување се претвори во незаборавно чудо на небото.

Share
Scroll to Top