Светските ѕвезди со биполарно нарушување отворено прозбореа за битката со болеста

Светските ѕвезди со биполарно нарушување отворено прозбореа за битката со болеста

пред 4 години

Американскиот рапер Канје Вест смета дека треба отворено да зборуваме за проблемите со менталното здравје и дека никој не треба да се срами од тоа.

Раперот во интервју за американски магазин нагласува дека го прифатил биполарното нарушување како дел од него и дека тоа го прави личноста којашто е.

Биполарноста е ментално нарушување најчесто карактеризирано со нагли промени на расположението. Луѓето кои страдаат од биполарно нарушување имаат периоди кога се чувствуваат пресреќно и полни со енергија, а потоа периоди кога се тажни, безнадежни и депресивни.

Помеѓу овие еуфорични и депресивни епизоди, тие можеби се чувствуваат добро, но наглите промени на расположението имаат негативно влијание врз многу аспекти од нивните животи. Кај повеќето луѓе со биполарно нарушување депресивните епизоди се многу почести од еуфоричните.

Како што е случајот со многу ментални нарушувања, луѓето кои не ја искусиле биполарноста не секогаш можат да ја разберат, но многу славни го користат своето влијание за да го променат тоа.

Тие отворено зборуваат за нивната дијагноза и предизвиците што ги носи, со тоа покажувајќи им на оние кои страдаат дека не се сами.

  • Славни личности кои отворено прозбореа за битката со биполарноста:

Канје Вест

Раперот беше дијагностициран со биполарно нарушување во 2016-та и оттогаш отворено зборува за предизвиците со кои се соочува. Во интервју со Џими Кимел, Канје изјави дека музиката му е можеби најдобрата терапија, но и дека не се срами од навршувањето бидејќи тоа го прави личноста којашто е.

„Мислам дека е важно сите отворено да зборуваме за проблемите со менталното здравје, особено луѓето како мене, со темна боја на кожата. Нашата заедница немаше терапевти и никој не нè советуваше да одиме на терапија“.

Мараја Кери

Познатата пејачка била дијагностицирана во 2001-ва, а пред три години, во интервју за „People“, прозборе за искуството со биполарното нарушување:

„Бев раздразлива и постојано се плашев дека ќе ги разочарам другите. Потоа дознав дека тоа било некаков вид манија. За време на депресивните епизоди немав воопшто енергија и се чувствував заглавено. Побарав помош и добив терапија. Почнав да се опкружувам со позитивни луѓе и да се фокусирам на она што го сакам најмногу, пишување песни и создавање музика“, изјави пејачката.

Жан Клод Ван Дам

Актерот изјави дека дијагнозата кон крајот на 90-тите му ги отворила очите и го натерала да размисли за својот живот. За депресивните епизоди, најмногу му помогнале напорните тренинзи за неговите улоги.

„Вежбам поразлично, јадам поразлично и се обидувам да зборувам побавно. Гледам денес да бидам подобра личност од вчера“, изјави тој за „Rolling Stone“.

Кери Фишер

Во нејзината книга „Wishful Drinking“ актерката се отвори за проблемите со алкохолот, но и за биполарното нарушување:

„Биполарноста може да биде предизвик што ви ја краде целата енергија. Бара многу издржливост и уште повеќе храброст. Па, ако живеете со ова нарушување, а сепак функционирате, треба да бидете горди на себе, а не да се срамите“.

Роби Вилијамс

Поради неговото искуство, пејачот стана амбасадор на добротворната организација „Music Support“ која им нуди поддршка на луѓето од музичката индустрија кои имаат проблеми со менталното здравје или со зависности.

Роби Вилијамс зборуваше за проблемите со биполарното нарушување во документарец на Стивен Фрај:

„Некогаш ми е премногу, но некогаш ми е како алатка што ми треба за да застанам на сцена. Некогаш, пак, живеам во блаженство и тоа е прекрасно“.

Селена Гомез

Американската пејачка Селена Гомез лани откри дека била дијагностицирана со биполарно нарушување. Наводно, таа извесен период се чувствувала чудно – имало моменти кога била пресреќна, па набрзо потоа паѓала во депресија.

„Неколкупати одев на третмани за анксиозност и депресија, но и за многу други проблеми. Неодамна, бев во една од најдобрите болници во САД и дознав дека сум биполарна. Беше тешко, но се обидував да најдам нешто што ќе ми помогне да надминам сè. Имам одлични пријатели, одам на терапија и се фокусирам на позитивните нешта. Оттогаш научив многу работи за себе“, изјави Селена за болеста.

Share
Scroll to Top