Монументален базен обложен со повеќе од осум видови мермер и добро зачуван систем за загревање се откриени на археолошкиот локалитет Исар–Марвинци кај Валандово. Остатоците од јавната римска бања се наоѓаат на околу седум метри под денешната површина и откриваат како жителите на античкиот град користеле топла вода пред речиси две илјади години.
Базенот е долг повеќе од 4,5 метри, широк над 2,5 метри и длабок повеќе од метар и половина. Под него археолозите пронашле систем со посебна печка и циркулација на топол воздух, со кој се загревал бањскиот простор.
Истражувањата ги спровел Националниот археолошки музеј на Македонија, а новите наоди отвораат можност подобро да се проучат архитектурата, водоснабдувањето и секојдневниот живот во градот што некогаш постоел на ова место.
Античко греење под мермерниот базен
Пред најновите ископувања, археолозите имале сознанија дека во комплексот постоел бањски простор со ладна вода. Новите наоди покажуваат дека по вториот век од нашата ера таму имало и простор за капење со топла вода.

За изградбата на базенот бил употребен водоотпорен малтер, врз кој била поставена мермерната облога. Различните видови мермер и обработката на површините покажуваат дека при изградбата било посветено внимание и на изгледот на јавниот објект.
Системот за греење функционирал така што топол воздух од печка циркулирал под базенот. Откриениот дел од комплексот бил поврзан и со градската цистерна, што им дава на истражувачите можност да го проучуваат и начинот на кој бил снабдуван со вода.
Зачуваните ѕидови и конструктивни елементи се особено значајни затоа што овозможуваат бањата да се истражува во нејзиниот првичен архитектонски контекст, посочуваат од Музејот.
Пронајдена и ретка сребрена монета
Покрај остатоците од бањата, на локалитетот се откриени и археолошки предмети од различни периоди. Меѓу нив се издвојува сребрена монета на Ихнајците, датирана околу 500 до 480 година пред нашата ера.
Пронајдени се и бронзени монети од хеленистичкиот и римскиот период. Една од нив е монета од Пела со претстава на Пан, додека друга потекнува од времето на римскиот император Марк Аврелиј.
Археолозите регистрирале и остатоци од подоцнежно користење на просторот. Над бањскиот комплекс била пронајдена печка, односно топилница за железо и стакло, датирана во четвртиот и петтиот век, како и дел од објект за кој се претпоставува дека имал воена намена.
Овие наоди покажуваат дека просторот низ вековите ја менувал својата функција.
Името на античкиот град останува отворено прашање
Исар–Марвинци се наоѓа на возвишение со поглед кон Валандовската Котлина и долината на Вардар, на подрачје поврзано со важни сообраќајни и трговски правци.
Точното име на античката населба сè уште не е дефинитивно утврдено. Меѓу претпоставките што се разгледуваат се Идомене и Добер, но идентификацијата останува предмет на научна дебата.
Со годинашните истражувања раководел кустос-советникот Јане Клековски. Од Националниот археолошки музеј најавуваат дека ископувањата на комплексот на јавните бањи ќе продолжат и во 2027 година.
Извор: Национален археолошки музеј






