Семејството на олимписката шампионка Кван Хонгчан, одбило 30 милиони долари, иако живее во лоши услови. Хонгчан (14) од Кина освои златен медал во нуркање од десет метри платформа на овогодинешните летни олимписки игри во Токио.
Нејзината животната приказна е исполнета со доста тажни моменти. Таа потекнува од сиромашно семејство кое живее во Гуангдонг, провинција во јужна Кина. Нејзиниот татко работел на плантажа каде што одгледуваат портокали.
Тој заработувал околу 200 долари месечно, а нејзината мајка доживеала тешка несреќа пред четири години. Таа била удрена од автомобил додека одела на работа. Таа била хоспитализирана неколку пати.
„Сакав да се грижам за мајка ми. Знам дека ѝ е тешко и колку се бореше за нас“, рече Хонгчан по добивањето на златниот медал.
По освоениот медал, многумина се понудија да ѝ помогнат, но, нејзиното семејство ги одбило сите понуди. И било нудено двојно поголем имот и земјиште од сегашното, бесплатно лекување за нејзината мајка, куќа, работа за нејзиниот татко, сопствена продавница, бесплатно посети во некои зоолошки градини и забавни паркови до крајот на животот.
Според проценката на некои медиуми, вкупната вредност на сите понуди заедно изнесувала 30 милиони долари.
„Ви благодарам на сите за дарежливоста, но јас не прифатив никакви пари“, рекол татко ѝ на Хонгчан.
Таа моментално е меѓу најпребаруваните личности во Кина. Досега преку 25 милиони го барале нејзиното име на кинеската социјална мрежа „Веибу“, а нејзината куќа е опколена од илјадници фанови. Тие го сметаат нејзиното живеалиште за свето место и прават преноси во живо.
Според кинеската влада, ваквиот чин претставува опасност за проширување на коронавирусот, бидејќи голем број луѓе доаѓаат од сите делови на земјата во нејзиното село. Затоа нејзиното семејството упатило јавен апел да ја остават на мир.