Основачот на „Амазон“, Џеф Безос и неговата свршеница Лорен Санчез избраа датум за нивната венчавка, која веќе е наречена „свадба на векот“. Парот ќе го каже судбоносното „да“ во Венеција, опкружени со пријатели и познати личности, а според информациите кои ги објави „Пејџ Сикс“, планираат да направат незаборавна прослава и нема да штедат на ништо.
Венчавката ќе се одржи во јуни, а според гласините, парот би можел да организира церемонија на јахта вредна 500 милиони долари, која е закотвена во венециската лагуна.
Оваа мега јахта, една од најголемите со јарбол во светот, може да смести 18 луѓе во девет кабини. Иако јахтата е опција за свадбата, изворите сугерираат дека таа ќе се користи само како „додаток“, можеби како водено такси или место за помали прослави. „Ви ветувам дека свадбата нема да биде на брод“, изјавил еден од нивните блиски пријатели.
Италијанските медиуми јавуваат дека најдобрите хотели во Венеција, Грити Палас и Аман Венеција, се целосно резервирани од 26 до 29 јуни. Цените на собите во овие луксузни хотели започнуваат од 3.200 долари за ноќевање, а за апартманите цените може да достигнат и десет пати повеќе, во зависност од сезоната и видот на сместување.
Подготовките за свадба се веќе во полн ек, а Венеција се подготвува да ги пречека ВИП гостите. Најдобрите луксузни хотели во градот се веќе резервирани, а изворите велат дека цела флота на водени такси ќе биде достапна за превоз на гости низ венецијанските канали. Планирањето на овој настан укажува на многу ексклузивна и совршено координирана прослава.
Венеција, која Безос и Санчез често ја посетуваа за време на нивната врска, беше избрана не само поради романтичната атмосфера, туку и поради значењето што овој град го има во нивната заедничка историја. Оваа свадба се очекува да стане еден од клучните општествени настани во 2025 година, не само за парот, туку и за градот Венеција.
Се верува дека Лорен избрала гламурозна тоалета на Оскар де ла Рента, со помош на главната уредничка на Вог, Ана Винтур.
Безос ја запроси Лорен во мај 2023 година, на луксузна јахта, по пет години врска. Тој ја запросил со впечатлив дијамантски прстен, за кој експертите веруваат дека може да вреди околу 2,5 милиони долари.