Симона Трајкоска музицира на унгарска цитра и е една од ретките што свират на овој инструмент во нашата земја

Симона Трајкоска музицира на унгарска цитра и е една од ретките што свират на овој инструмент во нашата земја

пред 1 година

Симона Трајкоска (17) од Скопје две години музицира на жичаниот унгарски инструмент цитра и е една од четворицата кои го свират овој инструмент во Македонија.

Патувањето во Унгарија поради награда на конкурсот „Шандор Петефи“ и донело запознавање со унгарската култура, традиција и музика.

„Видов многу специфични традиционални инструменти со кои се немав сретнато до тогаш. Веднаш се заинтересирав дали некој од инструментите може да се донесат тука во нашата земја и дали може да најдам настава за истите“, раскажува Симона за Репортер.

Таа е средношколка во „Јосип Броз Тито“, и член во унгарското здружение „Теледом“, кое постои веќе 20 години и е член на оркестарот како изведувач на цитра. За разлика од повеќето членови во здружението, таа нема унгарски корени.

Бидејќи кај нас се продава, инструментот го донела од Унгарија.

„Нов е и рачно изработен за мене и за останатите кои беа заинтересирани за свирење на овој инструмент. Во минатото скоро сите унгарски куќи поседувале по една цитra, бидејки не било толку тешко за изработка“, рече Симона и опиша дека е жичан унгарски фолклорен инструмент, кој најчесто се користи за традиционална, но може на него да се проба да се свири и модерна музика.

„Цитрата произведува специфично препознатлив, моќен, традиционален звук. Мелодијата на унгарската цитра генерално се свири на првите жици, главните, а останатите жици се придружни и тие се свират само со трзање“, вели Симона.

Покрај цитра Симона свири и гитара, па совладувањето на овој инструмент и било лесно и брзо.

„Најчесто свирам унгарска музика, затоа што таа е потребна за да се промовира инструментот и културата на настаните од „Теледом“. Во слободно време свирам и македонски песни, а понекогаш пробувам да експериментирам правејќи аранжман на помодерен стил на музика“, рече Симона.

Случајно истражувајќи го инструменот, ја засвирела „Ој девојче“, и оттогаш песната е дел од нејзиниот репертоар за јавни настапи.

„Имам идеи во кои би ја вметнала цитрата како инструмент во денешните модерни песни. Овој инструмент не е дизајниран за модерна музика меѓутоа вреди да се проба“, раскажува Симона.

Ги сака инструментите и не верува дека ќе престане да свири, но и да прифати предизвици за нови инструменти.

Габриела Додевска


 

Share
Scroll to Top