Симон Трпчески од Охрид: Сега полесно се стигнува до македонскиот туристички бисер, убаво е што конечно се движиме напред

Симон Трпчески од Охрид: Сега полесно се стигнува до македонскиот туристички бисер, убаво е што конечно се движиме напред

пред 2 часа

Светски познатиот македонски пијанист Симон Трпчески, на својот извонреден концерт во Античкиот театар во Охрид, испрати порака која силно одекна и надвор од музичката сцена – подобрата патна поврзаност со Охрид веќе се чувствува, а со завршувањето на започнатите инфраструктурни проекти пристапот до македонскиот туристички бисер дополнително ќе се олесни.

Како што пренесува СДК.МК Трпчески пред публиката зборувал за својата посебна поврзаност со Охрид, но се осврнал и на патната инфраструктура и изградбата на автопатот Кичево–Охрид.

„Сите си го сакаме бисерот на Македонија, Охрид. Сега полесно се стигнува, а уште полесно ќе се стигнува. Убаво е што се освестуваме полека. Да си помогнеме себеси, да ни е убаво за подобро утре“, порача Трпчески.

Неговата изјава доаѓа во период кога подобрувањето на патната инфраструктура и завршувањето на клучните автопатски правци се меѓу приоритетите на Министерството за транспорт, предводено од министерот Александар Николоски.

Особено значајно за Охрид и целиот југозападен регион е довршувањето на автопатот Кичево–Охрид, проект кој со години беше симбол на застој во инфраструктурната изградба, а кој сега треба да обезбеди побрзо, побезбедно и поквалитетно патување кон еден од најпосетуваните туристички центри во Македонија.

Трпчески, без да навлегува во дневна политика, од сцената практично го потенцираше она што за граѓаните и туристите е најважно – дека подобрата инфраструктура директно го менува начинот на кој се стигнува до Охрид и создава услови градот да биде уште подостапен во иднина.

Македонскиот пијанист потсети дека Охрид за него има посебно значење уште од најраните години од неговата кариера.

Тој откри дека токму во Охрид го одржал својот прв солистички концерт во 1993 или 1994 година, а на сцената на Античкиот театар последен пат настапил во 2010 година.

Трпчески раскажа дека како помлад речиси секоја година престојувал во Охрид и дека секое враќање во градот му буди силни емоции.

Пред бројната публика тој изведе четири мазурки од Фредерик Шопен, Сонатата бр. 3 од норвешкиот композитор Едвард Григ и „Дивертименто“ од современиот француски композитор Гијом Конесон.

Во вториот дел од концертот следуваше дел од неговиот препознатлив проект „Македонисимо“, во кој македонската традиционална музика добива современ музички израз преку аранжманите на композиторот Панде Шахов.

Посебни емоции кај публиката предизвика моментот кога Трпчески ги запеа „Врана коња јавам јас“ и „Не си го продавај, Кољо, чифликот“, а присутните му се придружија.

Во првиот ред беа неговата мајка Нетка, сопругата Даниела, синовите Стефан и Андреј и ќерката Лара.

Трпчески ги претстави и своите колеги од ансамблот „Македонисимо“, меѓу кои виолинистот Александар Краповски, кој работи во Операта во Барселона, Александар Сомов од Бугарија, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал и Влатко Нушев на удиралки.

Тој се присети и на својот покоен татко Ѓорѓија, кој потекнувал од струшкото село Збажди, каде во 2022 година го одржал првиот концерт со ансамблот во негова чест.

Трпчески најави дека „Македонисимо“ следната година одбележува десет години постоење и дека проектот досега бил претставен во повеќе од 20 земји во светот.

На англиски јазик им се обрати и на странските туристи присутни во Античкиот театар, посакувајќи им добредојде во „нашиот бисер“.

Концертот заврши со охридската народна песна „Деспина“, која заедно со Трпчески ја запеа и публиката, а како гостин настапи и охридскиот гитарист Дејан Милески.

Настанот го организираше продукцијата „Прагма“, а Трпчески концертната турнеја ја продолжува во Хераклеја во Битола.

Пораката од Охрид, сепак, имаше и поширока симболика: културата, туризмот и инфраструктурата се директно поврзани, а подобрите патишта значат полесен пристап до македонските туристички и културни центри. Изјавата на Трпчески дека „сега полесно се стигнува, а уште полесно ќе се стигнува“ во таа смисла претставува позитивна оценка за насоката во која се подобрува патната поврзаност со Охрид.

Извор:  SDK.MK

Share
Scroll to Top