Мајкл Рокфелер, синот на Нелсон Рокфелер, гувернерот на Њујорк и правнук на Џон Д. Рокфелер, познатиот историски милијардер, имал само 23 години кога во 1961 година исчезнал на брегот на Нова Гвинеја. Постојат бројни теории за неговото исчезнување, а најпозната е онаа дека Мајкл бил изеден од канибали.
Мајкл тргнал кон Нова Гвинеја на антрополошка експедиција. Тој сакал да ги истражи тамошните локални племиња, но никогаш не се вратил. Неговото семејство организирало голема потрага, но никогаш не успеале да го пронајдат. Неговата смрт до ден денес останала мистерија.
Wanneer miljonairszoon Michael #Rockefeller op 18 november 1961 in #NederlandsNieuwGuinea spoorloos verdwijnt, begint een zoektocht. Waar is hij als laatst gezien en wat is er met hem gebeurd?
Bekijk hier de hele docu van #AndereTijden ↓https://t.co/9Ejk4Am63C pic.twitter.com/zTguD7kDDB
— Andere Tijden (@AndereTijden) November 18, 2019
Во 2014 година новинар на „Нешнл географик“, по посетата на островот напишал дека Мајкл бил убиен од припадници на локално племе, но дека нема никакви докази за да ја поткрепи ваквата теорија.
За Мајкл најблиските говореле сè најубаво. Иако можел да живее убав живот како син на гувернерот Нелсон Рокфелер и да го наследи семејниот бизнис, тој се одлучил за нешто друго. Се вклучил во работата на Музејот за примитивна уметност, која ја основал неговиот татко, а потоа одлучил да замине на авантуристичко патување.
„Ни кажа дека сака да работи нешто што никој досега не го работел и да ни донесе огромна колекција во Њујорк“, изјавил неговиот колега Карл Хејдер.
И пред да почне да се занимава и работи во музејот, Мајкл често патувал. Неколку месеци живеел во Јапонија и Венецуела, а сакал да најде некое ретко и посебно место за себе. Тој тргнал на пат кон Нова Гвинеја (тогаш холандска колонија) за да собере неколку уметнички дела од народот Асмати.
Овој народ имал малку контакти со надворешниот свет и се верувало дека целото подрачје надвор од овој остров е преполно со духови. За белците верувале дека поседуваат натприродна моќ. Мајкл се упатил во Отсјнеп, каде живеел поголемиот дел од овој народ.
Тие им дозволувале на странците да ги фотографираат, но не сакале на Мајкл да му ги продадат своите дела. Тоа само дополнително го мотивирало Мајкл да земе парче дел од нивната култура. Додека престојувал со племето, тој научил од нивните војници дека им ги сечат главите на нивните непријатели, а потоа ги јадат.
„Оваа прекрасна земја е поинаква од она што јас досега го имам видено. Мислам дека ќе успеам тука“, напишал Мајкл во својот тефтер.
Набрзо по неговото враќање, тој повторно тргнал да го истражува племето. Тогаш со него го зел и антропологот Рене Васинг. На 19 ноември 1969 година со чамец почнале да се приближуваат до островот, кога биле затечени од големо невреме. Иако биле оддалечени само 20 километри од брегот, Мајкл се одлучил да си ја проба среќата.
„Мислам дека ќе успеам“, му кажал на екипажот и се фрлил во водата. Почнал да плива кон брегот и од тој момент на Мајкл Рокфелер му се губи секаква трага. Оттогаш никој повеќе го нема видено.
Неговото богато и влијателно семејство не се штедело во обидите да го пронајде. Во потрагата биле вклучени бродови, авиони и хеликоптери, а дури и неговите родители отпатувале на островот. По девет дена потрага, холандската влада го прогласила Мајкл за исчезнат и дека нема никакви надежи да биде пронајден жив.
Две недели подоцна Мајкл бил прогласен за мртов, а како причина за неговата смрт е наведено давење. Неговата мистериозна смрт со денови ги полнела весниците, а почнале да се шират голем број теории за неговата смрт. Некои сметале дека го нападнале ајкули, други дека побегнал и дека живеел и се криел во Нова Гвинеја.
Во 2014 година новинарот Карл Хофман во текст за „Нешнл географик“ открил дека по направената истрага биле откриени докази кои покажуваат дека Мајкл бил убиен од припадниците на племето Асмати. Два холандски мисионери кои со години живееле на островот и го говореле нивниот јазик им пријавиле на локалните власти дека слушнале од некои припадници на племето дека Мајкл бил убиен. Набрзо потоа на островот била испратена полиција, а истражителите се вратиле со истиот заклучок и черепот за кој се верувало дека наводно му припаѓал на Мајкл.
Холандските власти го заташкале случајот, затоа што до тој период веќе го имале изгубено половина остров, кој тогаш им припаѓал на властите на новонастанатата Индонезија. Холанѓаните се плашеле дека ќе ја изгубат и другата половина, ако се расчуе дека не можат да ги контролираат локалните племиња.
Новинарот Карл Хофман, кој сам отпатувал на островот, наводно дознал дека племето Асмати убиле американски турист, но убиството го криеле поради страв од одмазда. Неколку години пред посетата на Мајкл, група Холанѓани се обидела да ги разоружа припадниците на племето, но настанот завршил со конфликт и четворица од племето се убиени. Нивните потомци наводно во знак на одмазда го убиле Мајкл, кој случајно стигнал до нив.
Според неговите наводи, Асматите му ја отсекле главата, му го изеле мозокот, а остатокот од неговото тело го зготвиле и го изеле. Биле најдени записи кои кажуваат дека членовите на племето наводно се бањале во неговата крв, додека неговите коски ги користеле како оружје. Во согласнот со нивните верувања, така тие воспоставиле рамнотежа и ги одмаздиле своите мртви.
Кога во јавноста се појавила чудна слика, која наводно настанала 8 години по неговото исчезнување, повторно се покренале нови теории за смртта на Мајкл Рокфелер.
На сликата е прикажан бел маж, во друштво на припадници на едно племе. Човекот бил со долга брада и ги имал истите белези како и останатите членови на племето. Поради тоа се претпоставило дека Мајкл Рокфелер им се придружил на канибалите и останал да живее меѓу нив.