Ри Сол-ју, сопругата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, по повеќе од една година се појави во јавноста. Таа и нејзиниот сопруг беа на концерт со кој беше одбележан роденденот на неговиот покоен татко и некогашен претседател на Северна Кореја, Ким Џонг-ил.
Ри претходно често одеше на јавни настани со својот маж, но последен пат е видена во јавноста лани во јануари. Брзо потоа во светските медиуми се пишуваше дека или има проблеми со здравјето или дека е бремена.
Според Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, таа избегнувала да се појавува во јавност поради грижите околу Ковид-19 и поминувала повеќе време со децата. Северна Кореја досега нема потврдено случај на коронавирус, што, според експертите, е малку веројатно.
Ри, за која се вели дека има 31 година, потекнува од семејство од висока класа. Државните медиуми велат дека Ри порано била пејачка во елитниот оркестар Унхасу и се верува дека се омажила за Ким во 2009. Според јужнокорејските разузнавачи, тие заедно имаат три деца.