НБА-ѕвездата Мајлс Бриџис е обвинет за семејно насилство. Го пријавила неговата сопруга Мишел Џонсон, а кошаркарот ѝ се предал на полицијата во Лос Анџелес. Брзо потоа бил пуштен од притвор со кауција од 130.000 долари, пренесоа американските медиуми.
Мишел рече дека прекинала со молкот и на „Инстаграм“ објави потресни фотографии од нејзините телесни повреди кој тој ѝ ги нанел.
„Мразам што дојде до ова, но повеќе не можам да молчам. Дозволил да ми го уништи домот, да ме злоупотребува на сите можни начини и да им создава траума на нашите деца за цел живот“, рече Џонсон.
„Нема да дозволам луѓето околу него да молчат и да лажат за да го заштитат. Ова е ненормално и болно. Повеќе нема да молчам за да ги заштитам другите, затоа што се ценам себе и моите деца. Фрактура на нос, зглоб, мускулите на вратот од гушење и тежок потрес на мозокот. Не барам сожалување, само не сакам ова да му се случи на кој било друг. Моите деца заслужуваат подобро, тие сведочеа за тоа, тоа ме боли најмногу од сè друго“, рече Џонсон, која има две деца со кошаркарот на Шарлот хорнетс.
Клубот објави соопштение во кое стои дека се запознаени со неговиот случај и дека ќе продолжат да ја следат ситуацијата.