Со палењето на василичарските маските заврши Вевчанскиот карневал, традиција која трае 15 века

Со палењето на василичарските маските заврши Вевчанскиот карневал, традиција која трае 15 века

пред 2 години

Со традиционално палење на маските во дворот на Мултикултурниот центар во Вевчани и со играње на василичарското оро, денеска на пладне заврши Вевчанскиот карневал. И оваа година, селото три дена живееше за карневалот, кој се одржа под мотото „Спремајте ги суратите“. Гости од цела Македонија и регионот, уживаа во традицијата која трае 15 века.

Како и секоја година, повеќето учесници на сатиричен и хумористичен начин ја прикажаа актуелната политичка и економска состојба кај нас. Па така, во Вевчани продефилираа министерот за бифтек, Жан Митрев со дел од неговата клиника, Анима мунди се бореа за правата на животните, а тука се решаваа и спорот со Бугарија и проблемите со корупцијата.

Под карневалските маски можеше да се види сè, од кралицата Елизабета и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел со Францускиот предлог, преку словенечкиот пејач Мањифико кој имаше концерти низ улиците на селото, до Светското првенство во фудбал и војната во Украина.

Според традицијата, поворката ја предводеа зетот и невестата, придружувани од ѓаволи и глупави августи. Зад нив одеше оркестарот со зурли и тапани. Денеска тие ги посетија сите семејства во Вевчани во чии куќи има некој Васил или Василиј.

По ова, на пладне се одржа и традиционалното палење на маските, кое симболизира терање на злото. Вевчанци секоја година велат дека веднаш штом ги запалат старите, почнуваат да ги осмислуваат маските за следната година, и ги чуваат во тајност до новото карневалско издание. 

Во текот на карневалот, концерти одржаа и групата Баклава, Банда Ентопика од Грција, Нино Величковски со Кумановските тамбураши и Перо Бели.

rpt 

Share
Scroll to Top