Спремајте ги суратите под маски, викендов почнува Вевчански карневал

Спремајте ги суратите под маски, викендов почнува Вевчански карневал

пред 1 година





Традиционалниот вевчанки карневал започнува утрото на 13 -ти јануари кога во Василичарските конаци почнуваат да се собираат Василичарите и музичарите.

Оваа година фокусот на музичката програма е на македонската музика. Сашко Гигов – Гиш и пријателите, Венко Серафимовски и Пипл Цепелин, реге бендот Брука, ДНК, Ласт Експедишн, Фиц и Студени нозе грејтес хитс, Баклава, Банда ЕнТопика од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши и Перо Бели, ќе настапат на 12 -ти и 13 -ти јануари.

Иако беше најавен настап на балканската музичка ѕвезда Здравко Чолиќ, организаторите сè уште го немаат потврдено неговото гостување.

Подготовките се во финална фаза, маските се спремни, или што би рекле вевчанци, суратите, информираат од општина Вевчани. Оваа година Вевчански карневал ќе се одржи под мотото „Спремајте ги суратите“.
„Традицијата стара векови и милениуми продолжува и оваа година, исто како во исконските времиња кога Василичарите од горна и долна маала, покрај традиционалните маски на Глупи Август, Зетот и Невестата и Ѓаволите, во дефилето ги исмеваат и актуелните политички случувања, низ звуците на зурли и тапани и со тоа ги бркаат лошите духови, односно злото, за да ја пречекаме Новата година прочистени и среќни“, изјави градоначалникот Спасе Кочовски.

На пладне маскирани одат на влезот на Вевчани, и од таму започнува Василичарската поворка која почнува да се движи кон центарот на Вевчани. Поворката ја водат маскираните Глупи Август и Ѓавол, кои со специфичните движења и крици прават ред и место за Василичарите, по нив следат музичарите, зетот и невестата, а потоа сите василичари. По Василичарската поворка, зетот и невестата од Горна и Долна Маала ги посетуваат сите домови во Вевчани, посакуваат здравје и бериќет во новата година, а домаќините ги даруваат. Ноќта на 13-ти наспроти 14-ти, се оди на вода во Вевчанските извори. Се верува дека ноќта спроти празникот водата на изворите е света и лековита. Во минатото жителите на сите околни села независно од верата доаѓале на изворите и полнеле од водата.





Share
Scroll to Top